Европската унија го одобри десеттиот пакет санкции против Русија – на првата годишнина од инвазијата на Москва врз Украина. Синоќа дипломати во Брисел соопштија дека повторно немале согласност за тоа прашање.

Сепак, шведското ротирачко претседателство со Советот на ЕУ потоа објави на Твитер дека е договорен нов пакет санкции, насочени кон руската економија и ирански компании што ја поддржуваат војната против Украина.

Помина една година од бруталната и незаконска руска инвазија на Украина. Денеска ЕУ го одобри десеттиот пакет санкции, кој вклучува, особено, построги ограничувања на извозот на технологија и потенцијално стоки за двојна употреба, рестриктивни мерки насочени кон природните и правни лица кои ја поддржуваат војната, шират пропаганда или снабдуваат беспилотни летала користени од Русија во војната, како и мерки против руските дезинформации, се вели во соопштението.

Казнените мерки одобрени синоќа вклучуваат нови ограничувања на европскиот извоз за Русија во вредност од 11 милијарди евра и замрзнување на имотот на три банки и голем број компании во земјата, како и ирански добавувачи на беспилотни летала за Москва. Списокот содржи вкупно 120 имиња, но тие ќе останат во тајност додека не се објави во Службениот весник на ЕУ.

Новите санкции беа одобрени откако Полска на крајот ги повлече своите приговори доцна синоќа. Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го опиша новиот пакет како премногу слаб за време на посетата на Киев, каде што ги испорача првите четири борбени тенкови Леопард од германско производство, ветени од неговата земја на Украина.

Полска ништо не доби, изјавија неколку дипломати. Еден од нив прецизираше дека земјата излегла со еднострана декларација за тоа што сака да содржи следниот пакет санкции.

Полската позиција беше критикувана од многу други земји, кои рекоа дека ја „казнува Европа“.

Полска веќе го блокираше усвојувањето на деветтиот пакет санкции во декември. Тогаш полскиот премиер Матеуш Моравјецки ги повлече приговорите на неговата земја на самитот на ЕУ. Новите санкции ќе стапат во сила денеска, јави ДПА.

OhridNews