Комисијата на ЕУ ги суспендираше исплатите на Агенцијата на ОН за помош и работа за Палестинците (UNRWA) на еден месец откако израелската влада обвини дванаесет нејзини вработени за соработка со радикалниот исламистички Хамас.

Хамас, кој ЕУ исто така го класифицира како терористичка организација, го нападна Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зеде околу 250 заложници.

Терористичкиот напад предизвика голема израелска воена операција во Појасот Газа, во која, како што се посочува, загинаа повеќе од 30.000 палестински цивили. Хамас одбива да се откаже од вооружената борба против израелските војници и да ги ослободи заложниците киднапирани во Газа.

Прво 50 милиони, па уште 32 милиони евра

Од оваа недела (4 март 2024 година), плаќањата од ЕУ кон УНРВА ќе продолжат. Прво ќе се префрлат 50 милиони евра, а во текот на годината ќе следат уште 32 милиони евра во две транши.

По долги преговори, УНРВА претходно се согласи со условите на ЕУ за исплата на средствата. Одделот за внатрешна ревизија на ОН ќе спроведе истрага за наводите против персоналот. ЕУ исто така ќе спроведе истрага со свои експерти.

Во размената на писма со Комисијата на ЕУ, шефот на УНРВА, Филипе Лазарини, рече дека неговата организација не е вклучена во терористичките злосторства на Хамас и дека сите 13.000 вработени кои досега работеле во Појасот Газа ќе бидат повторно проверени.

Меѓународен тим од експерти изготвува препораки за УНРВА за да се спречи евентуална соработка со Хамас.

На состанокот со министрите за надворешни работи на ЕУ на 12 февруари, Лазарини се пожали дека Израел не доставил никакви докази за вмешаност на вработените во агенцијата во терористички акти. Министрите за надворешни работи тогаш признаа дека во сегашната воена ситуација, УНРВА е неопходна за да ги обезбеди барем основните потреби на населението во Појасот Газа.

Според портпаролот на ОН, Светската организација се уште чека документи и разузнавачки документи од Израел.

ЕУ ја зголемува хуманитарната помош на 250 милиони евра

Еврокомисијата најави и дека ќе ја зголеми хуманитарната помош за Појасот Газа за 68 милиони евра. Овие нови средства по можност треба да се користат од меѓународни хуманитарни организации како што се Црвениот крст или Црвената полумесечина. Средствата ќе бидат ставени на располагање покрај веќе планираните 125 милиони евра за годинава.

Вкупната сума на хуманитарна помош на ЕУ за Палестинците, која може да ја искористи УНРВА или други меѓународни организации, е 250 милиони евра.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече за зголемувањето на помошта: „Ние стоиме со палестинскиот народ во Појасот Газа и на други места во регионот“. Невините Палестинци не треба да ја плаќаат цената за злосторствата на терористите на Хамас. Поради недостиг на соодветен пристап до храна и основни потреби, тие се во тешки услови опасни по живот“.

Комисијата на ЕУ е трет најголем донатор на УНРВА. Клучното прашање за УНРВА е како сега се позиционирани најголемиот и вториот по големина донатор – САД и Германија – кои исто така ги суспендираа своите плаќања во јануари. Доколку САД и Германија не ги извршат плаќањата според планираното, УНРВА ќе има сериозни тешкотии со плаќањата на крајот на месецот.

ЕУ нема единствен став за овој конфликт

Ставот за ситуацијата во Појасот Газа и овој конфликт не е единствен во сите 27 земји-членки на ЕУ.

Германија сака да обезбеди хуманитарна помош за жителите на Газа, но се воздржува да го критикува Израел. Воена операција против терористичката организација Хамас е оправдана и неопходна, вели Берлин. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок во четвртокот најави дополнително зголемување на хуманитарната помош. Како и ОН, таа повикува на „хуманитарен прекин на огнот.“ Тогаш заложниците би можеле да бидат ослободени и да се избегнат понатамошните страдања на цивилното население, напиша Бербок на платформата X.

Други членки на ЕУ, како што се Шпанија и Ирска, го критикуваат Израел и писмено од Европската комисија бараат привремено да го суспендира договорот за партнерство на ЕУ со Израел. Портпаролот на Европската комисија Ерик Мамер во Брисел изјави дека Комисијата во моментов го разгледува барањето.

OhridNews