Министрите за правосудство и безбедност на земјите на Европската унија(ЕУ) вчера повикаа на јакнење на борбата против тероризмот со подобра меѓусебна соработка, засилени истраги на терористичките мрежи, регистар на патници во воздушниот сообраќај, контрола на надворешните граници, спротивставување на радикализацијата, како и борба против финансирањето на тероризмот.

Министрите на вонредниот состанок два дена по терористичките напади во Брисел во кои беше убиено 31 лице, во својата заедничка изјава набројаа сѐ што треба да се направи на ниво на ЕУ, за да се засили колективната способност за борба против тероризмот. Министрите истакнаа дека е потребно итно да се засилат напорите во истрагите на терористичките мрежи одговорни за нападите во Брисел и Париз, како и на сличните мрежи.

Исто така, бараат веќе следниот месец да се усвои и започне да се применува директивата за регистар на патниците во воздушниот сообраќај, итно да се доврши законодавството во борбата против тероризмот, што вклучува системска контрола на надворешните граници на шенген просторот, контрола и поседување на огнено оружје, проширување на Европскиот информациски систем на казнени регистри и на државјаните од трети држави. Се бара и спроведување на акцискиот план за борба против фалсификаторите на документи и целосно спроведување на постоечките правила на ЕУ за хемикалии кои служат за изработка на експлозивни направи, како и соработка во борбата против тероризмот меѓу ЕУ и Турција, земјите од северна Африка, Блискиот исток и западен Балкан.

Министрите барат националните власти задолжени за сообраќај и сообраќајни претпријатија да ги делат информациите за да можат проценките на ризикот да се вршат на ефикасен начин и да се прилагодат мерките за потенцијалните закани во сообраќајот. Земјите членки барат итно и системски да се подобри снабдувањето и интероперабилноста на европските и меѓународните бази на податоци во подрачјето на безбедноста, патувањата и миграциите, со користење на современа технологија за заштита на приватноста.

Меѓу задачите што треба да се направат е и забрзување на работата на развојот на европски автоматизиран систем за препознавање на отпечатоци на прсти интегриран во Шенгенскиот информациски систем. До јуни оваа година треба да се направи конкретен и спроведлив план за подобрување на собирањето, проверката и размената на информации на подрачјето на борбата против тероризмот.

Земјите членки треба да продолжат да развиваат ефикасни мерки за спречување на радикализација и спротивставување на реториката на Даеш(Исламска држава) преку комуникациска стратегија. Европската комисија ќе ја засили соработката со ИТ компаниите на спротивставување на терористичката пропаганда, а до јуни оваа година да се направи и кодекс на однесување против говорот на омраза на интернет.

OhridNews
Извор „Макфакс“