Европската дипломатска служба денеска го осуди затворањето на два медиума и репресијата врз демонстрантите против војната во Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Властите во Москва вчера ги забранија телевизијата Дожд и медиумот Ехото на Москва, кои не можат повеќе да емитуваат ниту да објавуваат на интернет. Ехото на Москва е во стечај.

За Европската унија замолчувањето на овие два медиума, кои важат за антивладини во Русија, се прави со цел да им се даде лажна слика на руските граѓани за состојбата во Украина.

Истовремено во Русија се одржуваат бројни антивоени протести. Според Европската унија, 760 демонстранти биле приведени од полицијата до сега во 120 различни градови.

Фактот што моментално се изготвува закон во руската Дума кој ќе овозможи да се осудат на 15 години затвор оние кои изразуваат мислење различно од официјалната линија е многу загрижувачки, стои во реакцијата на ЕУ.

ЕУ ја поздравува храброста на руските граѓани кои отворено се спротивставуваат на војната во Украина и медиумите и невладините организации кои ги бранат демократијата, слободата и владеењето на правото во Русија и покрај репресијата на властите.

OhridNews