Фудбалскиот клуб Струга Трим Лум со триумф над Пелистер 2-0 (0-0) во Охрид ги заврши тест натпреварите пред почетокот на пролената полусезона во Првата македонска фудбалска лига. Стружани во текот на подготовките работеа во две фази. Првата се одвиваше во Струга работејќи на физички план, додека втората беа подготовките во Анталија, Турција каде одиграа контролни средби со реномирани противници. Во преостанатите недела дена до стартот на шампионатот, „црвено белите“ имаат задача да ги отстранат сите недотастоци и подготвени да го пречекаат дуелот со Работнички.

  • Јас сум задоволен од текот на подготовките. Задоволен сум од ангажманот на фудбалерите и најзадоволен сум што не одбегнаа повреди. Мали проблеми ни направи вирусот кој разболе неколку фудбалери, но мислам дека за недела дена играчите ќе се опорават и ќе бидат максимално подготвени за стартот на сезоната. Најмногу во текот на подготовките и тест натпревари ме радуваше желбата за игра кај фудбалерите што е многу важно за тимскиот дух на екипата. – изјави стратегот на Струга Трим Лум, Јетон Бекири.

„Романтичарите“, доведувајќи нов тренер и неколку квалитетни играчи се екипираа и најавија дека нема да се предадат во трката за опстанок. Во првиот дуел оваа сезона, Струга Трим Лум славеше со 2-1 во Скопје, а повторување на успехот Бекири посакува и на домашен терен.

  • Работнички сегде ќе атакува на бодови исто како и ние. Не можам да ги поделам натпреварите на тешки и лесни. Без разлика на пласманот на табелата треба да се одигра добро 90 минути. Ние покажавме дека можеме да се носиме со екипите од горниот дел од табелата, а истото може да се случи со Работнички. Знам дека не очекува тешка полусезона. Јас сум оптимист дека во втората полусезона можеме да ги повториме игрите од првиот дел кога имавме стварно добри резултати. – истакна Бекири.

Струга Трим Лум, не претрпе големи играчки промени во составот. Заминаа Христијан Драгарски и Бурхан Мустафов, додека клубот ги ангажираше Седат Бериша и Фјорлалб Делилај,

  • Инсистирав да нема многу заминувања и нови фудбалери во зимскиот преоден рок. Моето тренерско искуство кажува дека екипата не треба да претрпи големи измени помеѓу двете полусезони. – заврши стручњакот на клупата од Струга Трим Лум.

Полусезоната во Првата лига стартува в недела. Струга Трим Лум ќе се сретне со тимот на Работнички.

Мх.П.