Серијата без пораз на Струга Трим Лум на домашен терен продолжува и после средбата со лидерот на табелата во Првата лига, Академија Пандев. Стружани и струмачини ги поделија бодовите ремизирајќи без голови 0-0. Двете екипи имаа свои шанси за погодок, но затаија во офанзивната игра и мораа да се задоволат со по бод од пресметката на Градскиот стадион во Струга.
Љупчо Дориев (Академија Пандев) – Многу тежок натпревар во уште потешки услови за игра. Мечот го одбележа голема борба на средината од теренот. Немањето на убави прилики за погодок најдобро говори како се играше фудбал. Имавме и играч повеќе, но Струга со организирана игра во одбрана не спречи да притиснеме и да постигне погодок.
Дејан Цветаноски (Струга Трим Лум) – Одигравме добар и борбен натпревар и најмалку што заслуживме беше бод. Академија Пандев дојде како лидер на табелата и тешко беше да се игра на едно високо ниво во текот на целиот натпревар. Нам како екипа ни фали искуство и мислам дека низ вакви мечеви ќе го стекниме и ќе бидеме уште понезгоден ривал за противниците во Струга.
Југослав Тренчовски (Академија Пандев) – Вистински прволигашки натпревар. Им благодарам на домаќините за пречекот и фер и кореткната игра. Од првите 45 минути не сме задоволни, додека од вторите кога притиснавме и заличивме на Академија Пандев можеме да бидеме задоволни. Имавме и играч повеќе, но и нас не стигна заморот и не успеавме да притиснеме. Првичната цел да останеме непоразени ја остваривме, а победа и бодови ќе бркаме на следниот меч на домашен терен.
Јетон Беќири (Струга Трим Лум) – Ремито е реален исход и ние сме задоволни, бидејќи игравме против лидерот на табелата во Првата лига. Играчите заслужуваат пофалби за играта и чистата мрежа што е голем напредок. Имавме проблеми со суспендирани и повредени фудбалери а оние кои добија прилика максимално ја искористија. Се справивме добро, имавме игра во првото полувреме, додека во второто противникот не притисна. Оддолеаја тие а оддолеавме и ние на нападите и затоа реков дека ремито е реално.
OhridNews