Екипата на Струга Трим Лум со нов тренер ќе ја продолжи борбата за опстанок во Првата македонска фудбалска лига. „Црвено белите“ без стратег на клупата останаа, откако Јетон Беќири си поднесе оставка после поразот од Шкупи (1-2) на домашен терен.
Прво голема благодарност до семејството Ќира, спонзорот на клубот, за довербата која ми ја укажа да го водам тимот во овие 16 месеци. Сакам да им се заблагодарам на сите во Струга Трим Лум, благодарност до раководството на клубот, соработниците, фудбалерите, публиката за поддршката во текот на целиот овој период додека јас бев тренер. После големите и историски успеси, дојде до лош старт во пролетниот дел, па токму затоа јас одлучив да ја преземам целата одговорност. Инаку убеден сум дека клубот ќе ги оствари сите свои амбиции со новиот тренер, а јас лично на Струга Трим Лум и посакувам само убави работи. – изјави Беќири.
На дуелот со Вардар кој се игра в среда од аут линијата стружани најверојатно ќе ги предводи Меритон Гега. Тој беше асистент на Беќири и на сите претходни тренери во струшкиот состав.
Во првите четири рунди од пролетниот дел од македонската фудбалска елита Струга Трим Лум претрпе три порази и еднаш ремизираше и падна во зоната за испаѓање.
OhridNews