ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на тендерот за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на корисниците за периодот јануари-јуни 2025 доби најповолна понуда од АД ЕСМ со купопродажна цена на електрична енергија од 62 евра за мегаватчас, за покривање на 100% од вкупно планираните количини.
Оваа цена е за 3,33% повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јули-декември 2024), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 60 евра за мегаватчас, велат од ЕВН.
За покривање на загубите на електрична енергија, посочуваат, на одржаните тендери Електродистрибуција доби просечна цена од 106,04 евра за мегаватчас.
Претходно оваа цена изнесуваше 105,00 евра за мегаватчас. Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри, додаваат.
Како и секогаш, во крајната цена влегуваат: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.
OhridNews