Според украинските медиуми во насилствата што избувнаа во денеска во центарот на престолнина Киев, убиени се осум лица и двајца полицајци настрадани од огнено оружје, јавува „Макфакс“.

Министерството за внатрешни работи на Украина информираше дека покрај двајцата загинати припадници, тројца полицајци се во кома, а вкупно се ранети 73 припадници на полицијата и на интервентните сили од кои 22 се во тешка состојба, за што има потврда од украинското министерство за внатрешни работи, додека нема прецизни информации за жртви и повредени на страната на радикалните демонстранти коишто практично ги опколија зградата на парламентот и владините објекти.

Украинската новинска агенција УНИАН, повикувајќи се на порталот ТСН.иа кој пак се повикува на извор во министерството за внатрешни работи, јавува дека се потврдени осум жртви.

Прикажувајќи фотографии од мртви тела, порталот истакнува дека едно од телата, коишто се доставуваат во мртовечниците, најверојатно е обезглавено и од очевидци било забележано како е однесено во близина на зградата на Врховната Рада (парламентот).  Телата на двајца загинати биле пронајдени во влезот на станица на подземната железница, три мртви тела биле донесени во Домот на офицерите а едно е најдено во просториите на владејачката Партија на регионите во центарот на Киев.

УНИАН претходно пренесе дека на Европскиот плоштад (евромајданот) од три црни минибуса излегле неколку десетици лица во воени униформи без никакви ознаки и  со маски на лицата и вооружени со автомати „калашников”.

Агенцијата УНИАН го цитира соопштение на владата којашто од полноќ 19-ти февруари го забрани влегувањето во главниот град Киев. На влезот од Киев инаку е формирана повеќе километарска колона, јавуваат агенциите. Се додава и дека низ Украина е ограничен сообраќајот, а главниот град се наоѓа во сообраќаен колапс, бидејќи не работи ниту подземната железница, а движењето по сообраќајниците во градот е невозможно поради многуте превртени и запалени возила.

Истовремено со објавата на владата, започна и операција на специјалните полициски сили во расчистување на Плоштадот на независноста, каде е запалено одено оклопно полициско возило. Во расчистувањето на толпата радикални демонстранти, полицијата употребува водени топови и чадни гранати, додека демонстрантите возвраќаат со пиротехника и Молотови коктели.

Агенцијата УНИАН јавува и дека радикалните групи демонстранти повторно ја заземале зградата на Градскиот совет на Киев, од која се повлекоа по неколку седмици во неделата, откако власта и опозицијата постигнаа договор за амнестија за учесниците во антивладините протести кои траат од ланскиот ноември поради непотпишувањето на договорот за придружување на ЕУ, при што беа ослободени 236 лица и прекинато секакво кривично гонење.

OhridNews

извор: „Макфакс“