Американскиот актер Ештон Качер ќе биде еден од првите туристи астронаути кои ќе отпатуваат во вселената со компанијата „Вирџин Галактик“ на британскиот милијардер Ричард Бренсон. Бренсон на својот блог напишал дека холивудската ѕвезда е 500. личност која купила билет за лет во орбитата, во кој патниците ќе искусат неколку минути во безтежинска состојба.

Бренсон навел дека му честитал на Ештон Качер, кој бил многу возбуден бидејќи ќе има можност да ја искуси магијата на вселената. „Вирџин Галактик“ е во состав на „Вирџин Груп“, која моментално е во фаза на пробни летови, а се очекува својот прв комерцијален лет, со шест патници и два пилоти, да го изведе најдоцна до 2014 година.