Во езерските и изворските води во манастирскиот комплекс Св. Наум има колиформни бактерии, покажале септемвриските анализи направени на барање на Општинскиот комунален инспекторат.  Микробиолошките анализи на водата во манастирскиот комплекс Св. Наум, ресторанот кај островото, хотелот Маркони и воениот камп, утврдија присуство на фекалната бактерија ешерихија коли, изјави за Ohridnews, Танас Танасоски – раководител на Комуналната инспекција.

– За жал и во самите извори во Св. Наум е пронајдена таа бактерија, која исклучиво е последица за загадување од фекалните води од овие објекти кои се виновни за оваа појава, истакна Танасоски.


Танас Танасоски

За проблемот со загадувањето на изворите во Св. Наум кои се на листата на заштитено светско природно наследство, на 10 септември била известена и Републичката управа за водостопанство која сеуште не излегла на терен велат од општинскиот инспекторат.

– Со измените во законот  за води од 1 јануари 2010 година надлежностите се спуштаат на локално ниво, но тогаш може да биде доцна, предупредува Танасоски. Тој смета дека надлежниот државен инспектор треба да им наложи на угостителските објекти во Св. Наум најитно да ги елиминираат изворите на загадување и да запошнат со пречистување на отпадните води, во спротивно, смета Танасоски, тие треба да се затворат.


Ешерихија коли во изворите кај  Свети Наум

И експертите од Хидробиолошкиот инститит од Охрид кои со години ја следат состојбата со водите во Св. Наум, сметаат дека решението на проблемот е во соодветно зафаќање и третирање на отпадните води. Тие укажуваат дека иако Охридското Езеро има голема способност на самопречистување проблемот со загадувањето нема да може да се надмине доколку не се санираат сите отпадни води во Св. Наум.

Покрај од угостителските објекти во манастирскиот комплекс, загадувањето на езерските и изворските води во Св. Наум во голема мера се должи и на несоодветниот третман на отпадните води од градот Поградец во Албанија, посочуваат од Хидробиолошкиот институт.


Ленче Локоска

– Сеуште не е изграден колекторскиот систем во Поградец од каде отпадните води завршуваат во езерото, на што упатува и појавата на растенија во Св. Наум кои се типични за загадени средини, вели Ленче Локоска од Хидробиолошкиот институт. Таа објаснува дека оптоварувањето на екосистемот е поголемо во лето кога е и најголема фрекфенцијата на луѓе во Св. Наум. Локоска смета дека проблемот едноставно може да биде решен доколку угостителските објекти престанат да ги испуштаат отпадните води во езерото и изворите, односно започнат со нивно пречистување.

Општинскиот инспекторат најави дека будно ќе ја следи состојбата со загадувањето на водите во манстирскиот комплекс Св. Наум и дека ќе ги преземе сите законски мерки за решавање на овој проблем.

Г. Момироски