Водата од Билјанините извори во Охрид  не е треба да се користи за  пиење, затоа што е загадена  со бактеријата eшерихија коли, која е опасна по здравјето на луѓето.  Ова го покажале резултатите од последните  анализи  на   Охридскиот центар за јавно здравје, направени  кон  крајот на јануари и почетокот на февруари.

– Вода во која што има и најмало присуство на било каква бактерија треба да биде забранета за конзумирање. Ешерихија коли е фекална бактерија и секако дека би имала негативни последици на луѓето кои ја конзумираат водата, која е загадена со неа.-вели Атанаско Михаилов, директор на Центарот за јавно здравје во Охрид.

Според него, причината за присуство на оваа бактерија во изворите се должи на големите врнежи од дожд и несоодветната канализациона мрежа во населбите кои се наоѓаат непосредно над изворите.

-Населбата Рача и селото Велестово имаат несоодветна канализациона мрежа и отпадните води поради големите врнежи на дожд многу полесно дошле во допир со водата од  изворите и ги загадиле. Додека не се обезбеди соодветно третирање на отадните води од овие две населени места, тие секогаш ќе  преставуваат потенцијална опасност за загадување на Билјанини извори.-објаснува Михаилов.

Од Комуналниот инспекторат при Општина Охрид, кои се надлежни за издавање на налози за испитување на водата во сливното подрачје на Охридското Езеро, велат дека  извештајот, кој го добиле од Центарот за јавно здравје, во кој се вели дека водата од Билјанини е загадена, не е доволен, за да се  постави  табла со предупредување, дека водата од  изворите не е за пиење.

-Ние издадовме налог и до Хидробиолошкиот институт да направи уште една анализа на водата од Билјанините извори, затоа што сметаме дека таму имаат посоодветна опрема за испитување. Деновиве  ги очекуваме конечните резултати, за тоа дали во изворите има присуство на ешерихија коли или не. Доколку се покаже присуство на бактеријата,  посебна комисија која што е формирана за оваа намена, ќе треба да донесе одлука  дали ќе се забрани конзумирањето на водата за пиење.-вели Танас Танаскоски, раководител на Комуналниот инспекторат при Општина Охрид.

Сличен проблем со загадување на водата имаше и минатото лето на неколку чешми кај изворите на Св. Наум, кога беше издаден и налог за забрана за конзумирање на истата. Тогаш од надлежните служби беше констатирано дека причината за загадувањето со ешерихија коли, лежи во несоодветното третирање на фекалните води од рестораните и хотелите во манастиркиот комплекс. До нив беше издаден налог до пролет да постават путекси за прочистување на отпадните води.

Е. Е.