Деновиве од печат излезе новиот бој на магазинот за здравје и современ живот „Наше Здравје“. Во есенското издание магазинот донесува разговор со хирургот и уролог Д-р Горан Балевски за потребата од подигнување на свеста за поголема грижа на мажите за своето здравје, како и eдукативни текстови на различни теми и корисни совети од стручни лица.
-Настојуваме на нашите читатели кои веќе ја препознаваат нашата посветеност, да им понудиме четиво кое станува навика и своевиден здравствен советник. Така и во овој број на „Наше Здравје“ донесуваме актуелни здравствени теми. Со еминентни стручњаци разговараме за здравјето на мажите, за корисноста на пробиотиците и опасноста од употреба на антибиотици на своја рака, за негативните последици на стресот, тиковите кај децата. Подготвивме интересни стории за заштита на оралното здравје, одговараме на вашите прашања, од шпајзот преполн со здрави намирници кои ги дава есента подготвивме вкусни и здрави рецепти, ве разонодуваме и наградуваме. – вели главниот уредник на магазинот „Наше Здравје“ М-р Марица Угриновска Баткоска.
Издавач на магазинот „Наше здравје“ е ланецот аптеки „Виа Фарм“ во соработка со Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ и “OhridNews”.
Бесплатниот магазин „Наше здравје“ може да се најде во аптеките „Виа Фарм“ во Охрид, Струга, Вевчани и Лабуништа, во Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ во Охрид, во јавните здравствени установи и болниците, како и во хотелски и угостителски, модни салони и други препознатливи места во регионот и пошироко.
OhridNews