Есенскиот бран кој енормно го зголеми бројот на ковид позитивни, не го одмина ниту Охрид, каде бројот на новодијагностицирани од опасниот коронавирус расте од ден на ден. Охридската општа болница која функционира како Ковид центар е речиси максимално оптоварена.

Во моментов во нашата болница се хоспитализирани 80 пациенти, од кои 70 се позитивни на Ковид 19. Покрај на инфективното одделение, болните и суспектни пациенти се сместени и на геријатриското и интерното одделение, а во моментов располагаме само со уште неколку кревети. – изјави за OhridNews д-р Горан Балевски директорот на Општата Болница – Охрид.

Д-р Балевски вели дека е извршена комплетна реорганизација во болницата и адаптирани се речиси сите капацитети во борба против пандемијата. Дел од одделенијата, како нервно, е префрлено на одделот за урологија, а направен е и план во случај на исполнување на капацитетите на општата болница.

Во тој случај постои план Б кој предвидува специјализираната болница за кардиологија и останатите болници во градот да ги примаат болните со Ковид 19. – рече д-р Балевски.

Што се однесува до медицинскиот кадар, д-р Балевски информираше дека со одлука на Министерството за здравство вратени се од специјализација сите специјализанти од охридската општа болница кои ќе бидат распоредени на одделенијата каде има пациенти болни од Ковид 19.

Во врска со најавената модуларна болница, д-р Балевски изрази надеж дека таа ќе биде монтирана до крајот на оваа година. Апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита, да го чуваат своето и здравјето на другите, со што покрај себеси, ќе им помогнат и на лекарите и останатиот медицински персонал кој веќе девет месеци се бори со коронавирусот.

Во Охрид денеска се регистрирани нови 38 случаи на Ковид 19, со што вкупната бројка од почетокот на епидемијата во градот се искачи на 884, а бројот на активни случаи изнесува 357.

Г.М.