Постојат моменти кога човек и во нашиот град (ако не сте случајно од Охрид) – може да дојде во близок личен допир со убавината на глетката. На градскиот плоштад, тоа ви е обично оној период од денот, откога ќе си заминат дома сите оние акмаци со очила за сонце, испоседнати на зимското сонце, чекајки некој да ги запримети, ако знаете на што мислам. Ликови кои вечно разговараат за најновиот модел на некој проклет автомобил, куќа, глупава јакна или слично.

Воглавном безлични, ужасно здодевни ликови кои едвај чекаат на девојки кои ќе се испомажат за такви копуци. Не   ги разбирам таквите ликови. Најсериозно. А уште помалку тие кутри девојки. Не дека ги жалам. Напросто не ги разбирам, што по ѓаволите ќе им се некакви колеџи, факултети, козметики и триста други напори ако се омажат за таков еден лик и сé?

Сé на сé, сакав да ви ги раскажам неколкуте денови пред Новата година и слично. Околината на плоштадот и чаршијата, па и целиот град ако сакате, навистина беа убаво украсени. Она што навистина недостасуваше  беше мирисот на ванилински колачи, божиќни колачи од путер или од три милиони други врсти на пецива, кој што би ја надополнил оваа безживотност. Мириси толку карактеристични за европските плоштади, кафетерии и сокаци. Нажалост понудата во нашите кафетерии – ако не ги земеме во предвид оние ликови со наочари за сонце,- е сведена единствено на глупавото еспрессо, ужасно гласната музика и конзерванс пијалоци. Тешко дека во таков амбиент со некого ќе поразговарате, ќе прочитате денешен печат или некое списание. Во суштина е невозможно. Прво затоа што ниедна глупава кафетерија не држи  списанија и второ затоа што сите тие се претворени во проклети диско клубови со ужасна музика. Така еден од најурбаните  простори за дружење во европската традиција, кај нас се карикирани во паланечки трескотници. Патем бидете спремни едно осумнаесет пати да повторите што сакате за пиење, затоа што персоналот е напола глув од сета таа дебилна музика и слично.

Понекогаш за да се спасам од здодевноста, знам да се глупирам до бесвест, па влегувам во кафетеријата, приоѓам до првата слободна столица и прашувам нема ли да пречи доколку седнам тука?. Луѓе мои она што е натприродно нормално во секоја проклета кафетерија во светот, овдека е рамно на чиста неморалност. Скандал!! Најпрво ве гледаат како спобудалени и панично размислуваат да не сте се мрднале од памет и слично а после им треба едно пола саат да разменат меѓусебно мислење и слично.

Немав баш некоја посебна работа, па ги прелистував дневните весници, иаку не  сум баш нешто отепан од желба  да читам политички билтени или црни хроники. Денес не можам да се сетам кој проклет весник беше. Имаше објавено вест за самоубиство на дваесет и четиригодишна девојка со скок од седми кат на некоја од оние високи соцреалистички згради. На веста беше надоврзан еден пасус со поднаслов Што е самоубиство?. Што направив тогаш? Луѓе мои почнав да го читам тој пасус и ми дојде да се исповраќам. Типот пишуваше:”…Македонската православна црква се противи на чинот на самоубиството…” затоа што тоа било смртен грев и “…противење на Светиот дух…”. Самоубиството за црквата било …пострашен грев и од чинот на  убиство…, затоа што “…гревот со извршување на убиство можел и да се покае, но за гревот извршен со самоубиство немало покајание…”. Затоа Црквата не присуствувала на обредите на упокојување на самоубијци?? На сето ова проклетиот морон уште и додава дека – самоубиството е најголема траума што ја доживува едно семејство – внимавајте сега – поради етикетирањето од околината!.

Луѓе мои колку бедно се почувствував. Сето тоа ужасно ме изнервира. Обични ли сме клиенти во институцијата за погребни ритуали?. Го затворив проклетиот весник,  го платив глупавиот пијалок  и излегов надвор во полумрачното студенило. Нешто требаше да ми го изостри мозокот. Низ него се преметнуваа три милиони ужасни мисли. Дури и благата светлина на новогодишните украси го изгуби сјајот. Можно ли е човечката трагедија да се сведе на неколку дебилни реченици или догми? Вистина ли е дека Црквата така се однесува спрема човечко битие  кое си го одзело животот? Можно ли е било кој дебилен акмак да напише дека траумата на семејството на самоубиец произлегува не од загубениот живот туку од проклетото етикетирање на околината?. Сето тоа толку ме налути што навистина се чувствував  испокршено и бедно. Контрастот на убавината на околните новогодишни светилки разлеани во тивката вечерна магла, само ја зголемуваше апсурдноста на моментот. Можно ли е да постои институција за која убиството е помал грев од самоодземањето на сопствениот живот? Значи ли тоа дека доколку се покае и проклетиот Хитлер е помал грешник од кутриот самоубиец?.

Ми се допаѓа Исус ослободениот, разбудениот аку сакате (за разлика од Исус маченикот кој го слави Христијанството). Мислам дека поштено би се исповраќал на ваков однос на институцијата створена во негово име. Би се обложил во сé дека Тој попрво би испратил еден куп попови, кардинали и други акмаци во пеколот, отколку душа која заради милијарда причини решила да го напушти овој свет. Луѓе мои, не можам да смислам дека две илјади години од Неговата смрт декламираат вакви небулози со така лажни световни гласови.

Сé на сé, чекорев по тоа студенилото, неспособен човечки да се соземам иаку знам: Црквата е институција, религијата е концепт. Само Верувањето е вредно и достојно. Во проклетата глава ми се вртеа стиховите од песната на Азра “Измеѓу крајности”:

“…тишино, можеш ли да ме чуеш?

јас сум само твој роб,

кој што патува до безимена станица

и можам да видам што ќе направиш

но не можам да им се придружам

на твоите проклети копилиња

помеѓу екстреми

помеѓу крајности…”

Сето тоа и би било некаков подносливо беден крај на уште еден ден, доколку не одлучив да отидам на премиерата на Сенки, и тоа истата вечер. Мозокот ми трепереше како спобудален и си помислив дека Милчо има некакви одговори во тоа “Сенки”. Не бев  нешто луд по Манчевски уште откога го гледав оној балкански шпагети-вестерн “Прашина” пред едно пеесетина години. Долго време после “Пред дождот”, сметав дека е тој во состојба да биде на нивото на еден Милош Форман или слично. Уште не успеав ниту да се аклиматизирам на екстремните временски услови во центарот за култура кога проекцијата започна. Едно малечко детенце како нешто се расплака, овој типот излезе надвор многу изнервиран, седна во глупавиот автомобил, проклетиот мобилен му звонеше на соседното седиште и…Во следниот кадар автомобилот беше испревртен, типот раскрвавен… Најпосле само чекавме тој да излезе од под таој испокршен автомобил. Знам дека би требало да се возбудиш кога накој ќе се испокрши и слично, ама јас бев сé друго само не возбуден. Сепак, помислив дека не може да биде толку лошо а и немав некој посебен избор  за вечерта, па продолжив да ја следам проекцијата. Потоа сцените се префрлија некаде на брегот на Охридското езеро каде што живееја родителите на главниот лик во филмот. Убаво се гледаше дека се работи за некое материјално прилично ситуирано семејство со морални пречки во развојот. Тие, неговите старци мислам, се трудеа максимално да бидат на “ниво” на акмаци збогатени преку мито и сé нешто. Беа невидено скромни личности, чувствителни колку и човекојадци пред свеж оброк. Сé беше некако во стилот на ексклузивните арамиски населби долж брегот на езерото.Силна работа нема што. Оној типот беше као нешто надвор од памет од тоа сообраќајката и делуваше здодевно. Покрај тоа сите глумеа како да се на некоја проклета театарска сцена а не на филмско платно. Навистина. Ако некој воопшто глумеше во овој филм тоа беше жената на оној возачот на автомобилот на докторот. Таа навистина ми се допадна. Навистина ми е смачено да гледам театарски глумци како нашироко, телесно и гласовно гестикулираат на филмското платно.

Инаку, филмот беше исполнет со исфолирани разговори, сексуални сцени вметнати без некоја особена причина и глупави кадри од кои човек може да остане без здив. Традиционалното ѓубре по скопските улици, лудиот сообраќаен метеж, старите дотраени автобуси и слично. Хибриден, неуспешен жанр, во обично прилично заводливиот простор помеѓу реалното и интуитивното. Хаотична комбинација на еротски трилер и психолошка интрига на луѓе чии судбини се вкрстуваат во една сообраќајна несреќа. Сé на сé, глупав филм кој што ретко ги преминуваше границите на поднослива патетика. Измешана хронологија на настани надвор од сопствената логика – испомешано минато со сегашноста, одлуките со нивните последици. Мислам, прилично претенциозно, со некаква усиленост на филм кој што се очекуваше  – во најмала рака – да ве ушлогира со некаква сериозност или интелектуалност или нешто слично. Не знам. Тешко е да се објасни. Проблемот е во тоа што прилично ме излудува кога некој сите тие ликови дојдени од оној свет ќе ги подреди на сопственото сексуално одрастување и созревање. Од едно малечко девојче чија трагична судбина можеме само да ја насетиме, да направи еротска фигура опседната со секс без причина. Тоа требаше да биде нешто претерано секси па сепак не можам да не се запрашам зошто по ѓаволите некој што дошол од друга димензија би бил толку проклето опседнат со нешто толку прозаично и смешно како што е сексот? Не знам, чувствував некакво отсуство на каков било контекст и објаснување.

Сето тоа беше прилично долго. По завршувањето, божем направивме некаков разговор за филмот со останатите. Мислам дека беше прилично доцна кога се вратив дома. Единствено што уште успеав беше, да го вклучам идиотскиот телевизор и да слушнам како една “горда” мајка на некаков тип во униформа е радосна и толку среќна што нејзиниот син ќе заминувал во некаква проклета воена мисија во некоја ирачка вукојебина. Луѓе мои баш ми се згади тоа. Како да немаше крај на сите тие одвратности во пресрет на новата година. Мислев дека тоа можеме да го видиме само на некој од филмските журнали на ЦИА, со некои мајки на милитаристички морони од средниот американски запад. Ама на наша локална телевизија???  Се сеќавам своевремено колку нашите мајки се трауматизираа кога не испраќаа во тогашната ЈНА – подоцна “Окупаторска” војска. Нешто со оваа мајка не беше во ред. Или пак со проклетото општество во целост. Некако ми беше жал заради сето тоа.

Помислив да слушнам уште нешто од Азра пред да заспијам, на пример –

…кога мртви фазани летаат над нашите глави

а ни еден не паѓа

и, до какво непрепознавање

е доведена суштината на измамата…

но не бев расположен за тоа. Само останав немо да се излежувам, пушејки уште една цигара пред да заспијам.

Горан Мицкоски