Кариерата на Александар е една од пресвртните точки во човековата историја. Тој ја создал монархиситичката идеја за Западот. Ниеден владетел не успеал во правењето на респектабилна личност на монархот. Александар ја направил света. Покрај идејата за збратимувањето на сите народи во една држава и неизмерното зголемување на меѓународната трговија, резултатите на Александар се согледувале и во ширењето на Елинистичката култура, како и во отворањето на огромни неискористени пустински територии, каде покорените номадски племиња биле научени да ги следат цивилизираните животни текови, што резултирало со поттик за градење на градови, пристаништа, бродови и други средства за патување на копно и море. Градовите што биле изградени, станале центри на Елинистичката култура, а трговијата, религијата, литературата и администрацијата добиле еден заеднички јазик. Понатаму, финансиските и економски реформи што тој ги вовел, и на крај реализацијата на неговиот сон за универзално општество, толеранција на сите религии и збратимување на целото човештво. Неговата Империја исчезнала по неговата смрт, но неговата идеја преживеала и станала стожер и патоказ во понатамошните обиди за создавање универзално општество.
Долго време потоа цивилизацијата станала подложна на безбројни војни, разделувања, ограничувања и сл., но сепак идејата за обединување на човештвото останала да постои во визиите на одделни личности, а обидите за нејзина реализација биле со мал обем и со ограничен интензитет, се дури до модерните времиња. Сепак можно е да се изврши компарација на суштественоста и значењето на Александровата идеја со подоцнежните зачетоци на нејзината реализација, пред се на тлото на Европа.
Првите зачетоци на “продолжувањето” на Алескандровата идеја за универзално општество се забележани дури во средниот век, со обидите на црквата за обединување на Европа, преку заедничката карактеристика на сите држави, а тоа е религијата, односно Христијанството. Но бидејќи црквата во периодот од ЏИ – ЏИИИ в. се обидела да ја приграби, не само духовната, туку и световната власт во свои раце, дошло до опаѓање на влијанието на папите, и во истовреме, до афирмација и јакнење на национално-држвничките тенденции, што довело до брз пораст на градовите, кои станале, не само трговско-занаетчиски центри, туку и центри и жаришта на науката, образованието и културата. Со тоа почнале да се јавуваат поголем број на “европеисти”, кои во своите проекти ги изнесувале предностите од обединувањето на европските земји или народи во федерација, конфедерација или сојуз, спречување на меѓусебните војни и одбрана од неевропските – нехристијански земји. Како автори на европеистичките проекти се јавуваатмногубројни историчари, политичари И публицисти, општествени дејци, дипломати, филозофи, теолози, писатели, уметници и др. Сепак, како една од најпрвите пишани замисли за обединување на целиот свет во светска држава, која би се простирала на европскиот континет, е на Данте Алигиери (1265-1321г.) во неговото дело “Монархија”. Според него, само целокупното човештво може да го обезбеди општиот мир. Тој докажува дека е неопходна монархија, што ќе обезбеди единство на светот. Монархијата му е неопходна на светот заради гарантирање и обезбедување на благосостојба. Токму оваа негова идеја коинцидира и се поистоветува со државното уредување на Александровата Империја. Данте во своето дело го вели следново:
“Ако размислиме за селото, чија цел е пријатен собир на луѓе и нешта, во него треба еден човек да е водач на другите, било тој водач да е именуван однадвор, било неговата надмоќ, а со благослов на сите, да му ја донесе власта; инаку, селото не само што нема да ја достигне најниската нужност за благодат, туку често се случува под притисок на соперништвото во борбата за надмоќ да биде целосно уништено. Потоа, ако го земеме во предвид градот, чија цел се благодатта и удобниот живот, единствената управа и тука сама се наложува . . . Ако се случи спротивното, не само што целта на заедничкиот живот се губи, туку и самиот град исчезнува. Надокрај, во некое кралство, чија цел е да го обезбеди најбезбедно и најспокојно доброто на градот, и тука треба само еден крал да владее и да управува; инаку, не само што поданиците нема да ја постигнат својата цел, туку и кралството ќе почне дасе распаѓа, според непогрешливата вистина дека секое разделено кралство е поразено. . .
Сега, јасно е дека сиот човечки род бил подреден на една единствена цел. Значи, треба само еден да повела, само еден да управува; а овој водач треба да се вика Монарх или Император. Значи, очигледно е дека постоењето на светот бара постоење на Монархија или на Империја.
Основните задачи на светската држава би биле гарантирањето на природните права, а не на политичките интереси, синтагма која била првото начело на владеењето на Александар.
И неговиот современик, Пјер ди Боа размислувал на сличен начин, односно пропагирал создавање на “Христијанска република” – еден вид конфедерација, која би била ставена под управа на совет, во која што различните народи би ја задржале безусловната независност, а би постоела и меѓународна арбитража на владетелите како правосудно средство за решавање на споровите на државите. Сепак, тој за разлика од Данте, не верува дека може да се создаде светска монархија, но го подржува ширењето на власта на граѓанското општество.
И тука може да се согледа сличноста со Александровата идеја за независно владеење со сопствените држави во заедничка единствена држава, како и правото и должноста на индивидуата на земање учество во владеењето. Сепак, разликата на Александровата и идејата на овие, како и на подоцнежните “европеисти” била во однос на мултирелигиозниот состав на Александровата Империја, за разлика од Европската држава, чиј што главен обединувачки фактор би бил Христијанството.
Во овој период уште се истакнуваат и идеите на Јиржи Поѓибрад (1420-1471г.) и Антоан Морини, и нивните предлози на Луј ЏИ за европска федерација со национална сувереност и гарантирана автономија за државите членки, конституирана со заедничко собрание, суд на Правда (верски совет), меѓународна арбитража, заеднички воени сили и федерален буџет. Кај нив, покрај другото се јавува идејата за создавање на заедничка мултинационална армија, каква што Александар успеал да создаде во својата Империја.
Од овој период се истакнува и Енеј Силвиј Пиколомини (Папата Пие ИИ) (1405-1464г.), кој за прв пат го користи името Европа како земја на Хриситјанството….
Ѓоко Апостолов