Александар покрај обичаите ја прифаќал и облеката на другите народи. Плутарх споменал дека Александар ја преферирал персиската облека бидејќи била поедноставна. Ерастотен, пак, запишал дека тој носел мешана облека, адаптирана и од македонската и од персиската мода. Како филозоф, она што го носел било прашање на индиферентност, но како владетел на двете нации и благонаклонет Крал, тој се стремел да стекне углед кај покорените, преку покажување респект кон нивната облека.
Александар посебно внимание укажувал кон припадничките на поннежниот пол од другите народи. Тој ги воздржувал своите војници од силување на заробените жени. Еднаш дури и наредил да бидат убиени двајца Македонци кои силувале заробени жени, велејќи дека тие биле како диви зверови, деструктивни кон човештвото. По освојувањето на Персеполис, била дадена наредба жените да не бидат допрени. Ова било новост во војувањето; никој водач не дал ваква наредба се до Киченер, 1914г. Александар превзел мерки на предострожност за младите девојки да бидат чувани од трупите; жените роднини на загинатите непријателски водачи биле задржувани под добар надзор, дури било наредувано да не им биде дозволено да чујат ни лоши работи. Пристапот на Александар кон жените ги збунувал многумина, не само во антиката, туку и во модерните времиња. Тој дал императивна наредба семејството на Дариј да биде третирано со респецт и почести достојно на кралски личности. Тој ги милувал малите деца и покажувал секакви знаци на љубезност. Како зачудувачка особина на тоа време, а всушност и многу векови потоа, Александар не искажувал никаква предност спрема заробените. Жената на Дариј, која имала репутација на најубава жена во Персија, Александар одбивал да ја види, почитувајќи ја нејзината позиција, сакајќи да избегне скандалозни коментари. Исто така, семејството на Дариј, заедно со семејството на неговиот окорел противник Спитамен, биле меѓу оние кои биле образувани во Суза. Посебен однос, Александар имал кон мајката на Дариј, Сисигамба, која што тој ја третирал како своја сопствена мајка. При влегувањето во нејзините простории, тој не и дозволувал да клечи пред него, според обичајот, а тој останувал простум се додека таа не го поканела да седне. Овие настани се потврдуваат и со случката по неговата смрт, кога таа била толку скршена од тага, што била неутешна, одбивала храна и умрела пет дена подоцна.
Некои зборуваат дека Александар се оженил од политички мотиви, и дека неговата главна причина за бракот со Роксана била неговата желба за мешање на народите; но други веруваат дека тој ја сакал Роксана, Согдианската Принцеза, како нормална љубовна привлечност. Сепак во овие негови манири може да се најде и односот кон жените во Македонија, каде што тие биле еднакви партнери со мажите; храбри, искрени, одважни и практични, и ги делеле недостатоците исто како и врлините на нивните сопрузи, синови и браќа.
Религиозната страна на Александар исто така покажува на идејата за верска толеранција. Иако тој себе си се сметал за бог, а во Египет и бил прогласен за божество, тој ги почитувал сите други религии на покорените народи. Во прилог на тоа оди и сведоштвото кога Неарх му кажал дека целата поморска флота, освен четири бродови, пристигнале и се закотвиле во устието на р.Инд, Александар пресреќен се расплакал и им се заблагодарил за тоа на Елинистичкиот Зевс и на Либискиот Амон. Тој принесувал жртви на боговите на различните народи и тоа според нивните обичаи. Така при неговото крунисување за Фараон во Мемфис според египетските обичаи, тој ги восхитил свештениците и народот со жртвопринесувањето во чест на нивнот свето божество Птах, претставено преку светиот бик Апис, во кој се веровало дека е инкарниран богот.
И во однос на образованието и науката, Александар има огромни заслуги за нивното унапредување. Тој во своите кампањи со себе носел голем број на најразновидни научници кои ги проучувале новооткриените земји и пространства. Како резултат на тие истражувања, во Александрија биле отворени познатите музеј и библиотека, кои толку многу се развиле што тука работеле и твореле најпознатите и најеминентни учени луѓе, а студенти доаѓале од целиот свет.
Александар успеал да ја наметне Елинистичката култура и нејзините дострели во новоосвоените земји, но истовремено и да ја спои со Ориенталната, на начин кој што предизвикал културен расцут и подем. Елинистичката култура можеби произлегла од Грците, но физичкиот свет на Еуразија го отворил Александар, чии што патишта допирале се до Индија. Пред тоа, со исклучок на тесниот јонски брег, луѓето од Запад влегувале на вратите на Азија само како бегалци или платеници. По Александар, луѓето од Запад доаѓале како граѓани, во потрага по земја или подобри услови за живот. Не било случајно што царството се ширело на Исток; патот на човештвото се отворил натаму, а Александар навистина го повел Запад по себе си на Исток. Влијанието на Елинистичката култура се раширило многу подалеку отколку што можело да се замисли, оформена во нов тип на култура – Евроазиска. Таа уметност не произлегувала од скулптурите на Партенон, туку на примерите од Азија. Убавините на Персепол навистина станале познати на Запад, а луѓето суделе за нив според новите мерила. Персиската култура го обликувала елинистичкиот свет, а елинистичката култура го прославила римскиот свет. Будистичката уметност, практицирана во Авганистан, Пенџаб и Јава е онолку Елинистичка колку што е Христијанската уметност што преовладува на Запад. Во Рим, побогатите и покултивирани Римјани од ИИ-Вв. биле толку елинизирани што раната христијанска уметност била Елинистичка. А. Фоуцхер во своето дело “Л’арт Грецо – Боуддиљуе ду Гандхара” ги прикажува археолошките откритија кои прикажуваат како техниките на Елинистичките култури биле адаптирани во индиските градби и статуи, при што било креирано интимно соединување помеѓу генијот на антиката и душата на ориентот. До денешни дни, 22 века по неговата смрт, ние сеуште го делиме светот на она што било пред и она што дошло по Александар, индивидуа која повеќе од сите други ги променила сите аспекти на Медитеранската култура, политика и воопшто цивилизација.
Ѓоко Апостолов