Во прилог на идејата ма Александар Велики за мешање и обединување на народите била и големата свадба одржана пролетта 324 г.пне. во Суза кога во еден ден биле венчани околу 10 000 Македонски војници со жени Персијанки. Голем број на важни гости дошле да присуствуваат на прославата на свадбата која Александар ја припремил во состав на неговиот план за фузирање на народите и формирање на перманентна врска помеѓу Македонија и Персија. Бидејќи неговите генерали немале никаков приговор за овој план, отмен банкет бил подготвен во величествен шатор. Александар за своја втора жена ја зел Барзина, најстарата ќерка на Дариј; на Хефастион му припаднала нејзината помлада сестра Дрипетис; на Неарх, Птоломеј и Пердика и на другите генерали им биле доделени високородни Персиски дами. Селеук се оженил со ќерката на Спитамен, која по неговата смрт била испратена во Суза каде подучувала Грчки јазик и Елинистичка култура. Во исто време 10 000 негови војници биле оженети со конкубини кои ги придружувале низ Азија. По церемонијата биле одржани разни театарски претстави и атлетски игри кои траеле 5 дена.
И неговата прва жена, Согдианската принцеза Роксана, била пример на неговата идеја за фузија на народите. Иако македонската војска сметала дека нивниот крал одбрал “варварка” за своја сопруга, сепак неговите Ориентални сојузници биле пресреќни особено кога свадбената церемонија била одржана според обичаите на Согдианците.
Идејата на Александар за мешањето и обединувањето на народите во една држава, и владеењето на демократијата и правото на еднаквост, почнала кај него да еволуира уште при неговиот престој во Египет (332-331 г.пне.). Уште таму тој почнал да осознава дека единствен можен начин за истрајно и успешно владеење во странски земји бил ставот на пријателска соработка помеѓу победничкиот и поразениот народ. Проблемот се повеќе се наметнувал напоредно со неговите нови освојувања. Овој план, нов за тогашниот свет, тој постепено и претпазливо почнал да го практицира. Во поблиската иднина тој го декларирал својот принцип: “Јас не дојдов овде да уништувам народи. Јас дојдов овде за тие кои се потчинети на моето оружје, со ништо да не се пожалат на моите победи”. Сатрапите кои жестоко му се спротивставувале, сега му се приближувале со доверба, и се однесувале како негови спремни помошници. Оние на кои им верувал, им ги оставал нивните позиции и власт.
Александар започнал како освојувач за да ја освети инвазијата и уништувањето на драгоцените градби во Мала Азија, но подоцна имал за цел прочирување на Елинистичкиот начин на живот низ неговата империја. Во ова и успеал. Демократската слобода на мислење и говор, и должноста на индивидуата во земањето учество во владеењето со градовите, била институционализирана насекаде каде што тој владеел. Александар во секој освоен град ја враќал демократската форма на владеење и ги укинувал персиските даноци и олигархиските закони. Кога Сардис, главниот град на Лидија, се предал доброволно, бил награден со слобода која не ја уживал со векови. Трговскиот град Ефес, кој бил просперитетен центар за поморската трговија со Фригија, Лидија и Карија, се побунил против персиските авторитети кога разбрал за наближувањето на Александар. Тој презел оштри мерки за контрола врз некои одметнати банди, и ги восхитил граѓаните со наредбата Храмот на Дијана, кој бил разрушен од пожар на денот на неговото раѓање, да биде повторно изграден. Персиските пари ги употребил за изградба на нови пристаништа, трговски центри и за потребните градби во многу градови.
И за време на неговиот престој во Индија, тој ги поканил тамошните принцови и раџи на дискусија за деталите околу понатамошните односи и даноци. Негова цел била да се доделат бенефиции на двата народа, да се востановат пријателски меѓусебни односи, и да се уреди трговијата помеѓу истокот и западот. Александар ветил дека Индијците ќе бидат слободни да владеат со сопствените територии по нивна желба; но за да обезбеди сигурен пат до морето, целиот тек на р.Инд го ставил под македонска контрола и супервизија. Бидејќи долината на Инд морала да биде чувана, требало да се обезбедат проекти со соседите и подалечните владетели, сојуз кој морал да биде гарантиран. Мирот, донесен кај државите на Петторечието би траел доколку одредбите и прописите кои тие заедно ги зацртале, би биле стриктно придржувани. Териториите на неговите поранешни противници, сега негови вазали, биле зголемени и со еднаква моќ, и се со цел самите меѓу себе да се чуваат и пазат доколку некој станел премногу амбициозен. Со ваква група на силни и независни владетели, источната граница на Империјата била сигурно обезбедена. Големината на даноците што ги плаќале била договорена без никакви контроверзи.
Покрај воведувањето на демократскиот начин на владеење, и слободата на правото на говор и мислење, Александар извршил и повеќе видови на реформи. Започнал најпрвин со стопанските и обновата на градовите и инфраструктурата, и унапредувањето на трговијата. По предавањето на ограбувачките и полу-диви племиња од планинските региони на Персија, кои со векови биле постојана закана за животот во рамнините, тој основал нови градови и ги подобрил комуникациите. Овие градови биле изградени на раскрсниците на важните патишта, на места специјално избрани да го помагаат транзитот на робата и да ги контролираат долините – мерка на предострожност, неопходна за адекватна воена супервизија. Градовите биле планирани според Хеленистички образец, со плоштад, училиште, канцеларии, продавници, храм, театар, гимназија и фонтана. Младите момчиња што живееле во градовите биле подучувани на воени вештини, а соодветно на Хеленистичката култура, со идеали на витешка храброст.
Според некои записи, Александар основал околу 70 нови градови, но само 16 од нив се сигурни; оние кои биле изградени набрзина со ѕидови од кал набрзо се распаднале. Седум од нив останале до денешни дни; и тоа Александрија во Египет, Херат, Кабул, Кандахар и Газни во Авганистан, Хоџенд во Туркестан и Путала во Индија. Седум градови издржале значителен период; помеѓу нив и Сузиана, Профтазија, Александрија на Кафказ и Букефала. Новите градови биле сместени во близина на постоечките населби и села да обезбедат здружување со домородното население, а воедно и доволно одвоени така што Македонските и Грчките доселеници да можат да ги сочуваат и одржуваат своите сопствени обичаи. Новите доселеници, главно грчки наемници, стари и ранети мажи, ги вовеле македонските методи на полјоделство и земјоделство кај планинските племиња. Многумина од нив се ожениле со ориентални жени, со што започнало спојувањето на народите, според планот кој бил во Александровата визија за иднината уште кога бил во Египет, зимата 332-331 г.пне.
Во Путала, Индија, тој наишол на напуштен град чии што жители побегнале кога слушнале за неговото доаѓање; нивното искуство со претходните освојувачи оставило горки сеќавања. Но тие се вратиле кога заробениците биле испратени во околните краишта, како би ги увериле дека тие ќе бидат добредојдени во Путала како пријатели. Експертите за копање бунари ја посетиле областа и ги научиле селаните како да ја наводнуваат земјата и да привлечат нови колонисти. Овие совети биле длабоко ценети.
Откако го пронашол новиот пат помеѓу Индија и Персија, Александар се надевал дека ќе трасира стаза на комуникација од Вавилон до Медитеранот. Неизмерен обем на трговија би бил развиен кога бродовите и караваните би пренесувале стока од Вавилон и Арабија кон западните области на Медитеранот. Арапскиот брег морал да биде истражен; таму имало многу од продуктите кои биле огромна потреба за медитеранските земји; темјан, миризливи смоли и многу зачини….продолжува
Ѓоко Апостолов