Од денеска во наредните седум саботи ви го презентираме научниот труд на охриѓанецот м-р Ѓоко Апстолов: “Идејата за универзално општество кај Александар Македонски и нејзиното влијание врз модерната цивилизација”, кој говори за општествените и политички сфаќања на големиот војсководец Александар Македонски….
“Убаво е да се биде различен” – можеби е мотото на денешното живеење. Меѓутоа разликите ако бидат гледани од аспект на можноста за дополнување и отстранување на нашите недостатоци, а не како причина за потценување и надвладување врз другите. Иако оваа синтагма на универзален плурализам, можеби денеска ги започнува своите први практични чекори во комплексниот и хетероген свет, сепак како идеја може да се датира далеку назад во човековата историја. Барајќи ги корените на идејата за универзалното општество и слободното живеење на разаличните народи и раси во една држава, доаѓаме до личноста на Александар Македонски (356-323год.пне.). Еден од најголемите освојувачи во човековата историја, познат како освојувач на целиот тогаш познат свет, а сепак помалку познат како пропагатор на идејата за обединето и универзално општество во кое разликите постоеле, но еднаквоста, рамноправноста и толеранцијата биле главните двигатели на неговото општество. Иако неговите достигнувања во однос на обединувањето на народите и нивно збратимување се неспорни, сепак неговата идеја го надминала неговото време и времето по него, и во латентна, прикриена форма го чекала моментот на созревање на цивилизираната форма на човековото живеење. Александар, иако својата кариера ја започнал како војсководец, освојувач и осветник врз Персија за уништувањето на градовите во Мала Азија, сепак неговиот карактер се модифицирал во обединувач на народите. Тој успеал, не само да ги покори и надвладее оние кои со оружје му се спротивставувале, или да ги приклучи кон себе оние кои доброволно му пристапувале, туку преку низа на реформи, стопански, економски, финансиски, воени, религиозни и др., тој настојувал да го направи нивниот живот полесен и поедноставен.
Ide Veler во 1900г. напишал: “Ниту една личност не направила толку за да го направи цивилизираниот свет во кој живееме онаков каков што е, колку што за тоа направил Александар Македонски. Што и да лежи внатре во дометот на неговите освојувања, дало свој допринос во формирањето на Медитеранската цивилизација, која станала основа на Европскиот живот”.
Професорот Wright од Лондонскиот Универзитет, во 1934г. напишал дека Александар ги надминал сите други освојувачи во тоа што тој им дал супериорна цивилизација на оние кои ги покорил. “Во историјата на Европската цивилизација, четири имиња се истакнуваат над другите: Александар, Јулиј Цезар, Чарлс Големиот и Наполеон. Сите четворица биле толку супериорни над вообичаеното ниво на човековите способности, така што тие тешко можат да бидат оценети според општите стандарди. Александар, и според неговото дело и според неговиот карактер го зазема првото место. Тој бил фин цвет на Елинистичката цивилизација. Ефектите на неговите освојувања во проширувањето на хоризонтот на човековиот ум можат да се споредат единственио со откривањето на Америка.
И голем број на други историчари и критичари вака слично го опишуваат ликот на Александар. Illif Robson н во биографијата на Александар од 1929г. го опишал Александар, за кого смета дека никогаш не бил статичен, онака како што го опишувале историчарите. За него тој бил идеја, сила која налетала како циклон преку Азија. Во еден момент тој бил освојувачки лидер, во друг триумфален освојувач, еднаш галантен, другпат брутален, но секогаш успешен. Сега е обединувач на секогаш раздвоените Исток и Запад, потоа научник, несовладлив истражувач, задржан од откривањето на источниот круг на Океанот само од страна на опструкциите на неговите послаби луѓе. На крај, тој е обоготворен херој, речиси бог помеѓу боговите.
И sir William Tarn во 1933г. изјавил: “Александар бил пионер на врвните револции на светскиот изглед, прв човек кој го замислувал братството на луѓето или обединетоста на човековиот род. александар, за делата што ги направил, бил наречен Великиот, но гледано од денешна позиција, неговата идеја, сон или било како да ја наречеме била најголемата работа што тој ја поседувал”.
Ликот на Александар претставувал пет различни типови на кралствувања. Како владетел на Македонија, како најбрилијантен од сите мажи од кралската линија на Аргеадите, како потомок на Херкул и Ахил, како крал-воин, акламиран од собранието на армијата, тој бил претставник на Хомеровиот тип, од видот на Агамемнон и Менелај. За Грците, тој бил генералисимо или Хегемон, избран од Коринтскиот Сојуз. Во Египет тој бил акламиран за Фараон, инкарнација на Хорус, син на Амон-Ра. Како Император на Персија, тој ги презел сите права и сјајот на Ахаменидите и бил незапирлив во својата автокрација како Голем Крал. Во Индија, бил сизерен (феудален господар), исто како и локалните раџи Пор или Абисар, кои подоцна биле негови вазали. Дека самиот бил свесен за овие различни форми, покажува фактот дека во коресподенцијата со своите Европски вицерои (подкралеви) тој го користел печатот на Македонија, оној на неговиот татко Филип. Во коресподенцијата со своите Азиски сатрапи тој го употребувал печатот на Дариј.
И покрај прекинувањето на неговата Империја, заветот на Александар никогаш не бил целосно растурен. Тој ги скршил бариерите кои дотогаш го сепарирале Грчкото од “варварското” и вовел висок степен на цивилизација во она, кое што пред неговото време, бил свет без ред. Легендата за него го надживеала. За Персијанците тој станал Големиот Искендер, син на нивниот Дариј. Мухамеданците длабоко го почитувале како пророк и уништувач на идолите. Христијанските монаси го опишувале како аскетски светец; во средновековните традиции тој фигурирал како моќен волшебник.
И уште многу други споредби и класификации за неговиот лик можат да бидат направени, но она што најповеќе го краси неговото име е неговото дело и неговата идеја за братство и толеранција меѓу народите. Целта на овој труд е да се направи паралелна компарација на неговите идеи со подоцнежните идеи кои практично го започнале процесот на обединување на народите….продолжува
м-р Ѓоко Апостолов