Познатиот писател  од турската етничка заедница во Република Македонија, Есад Бајрам  вчера ја доживеа  промоцијата на неговото последно дело „Исповед на поетот“ во издание на „Макавеј“.

„Оваа книга е плод на тригодишна работа. Пишував колумни во весникот „Македонија денес“ и нив ги собрав во една книга. Моите книги не говорат само за секојдневните проблеми, критики и пофалби, туку тие се еден вид литерарни творби во кои се вплеткани секојдневните  случки и настани“, изјави Бајрам на вчерашната промоција.
 
Авторот не го скри задоволството што Охрид има многу направено за него и рече дека за тоа му се оддолжил на градот во своите колумни во кои говорел за охридската питомија и гостопримливоста на неговите сограѓани.

„Есад Бајрам го знам долги години како автор со  извонреден сенс за детската литература и литературата за возрасни и како голем амбасадор  на македонската и на турската култура во двете држави“ кажа Бранко Цветкоски објаснувајќи дека книгата  се појави во издавачката куќа „Макавеј“ по препорака на писателот Ефтим Клетников. „ Ги има над 50 текстови. Во секој од нив тој успева да одржи една динамика со која ни го задржува вниманието, една лирика и шегобијност која му прилега само нему, и еден скриен копнеж кон својата татковина – Македонија“, додаде Цветкоски.

За промоторот на книгата „ Исповед на поетот“ ,Разме Кумбаровски, творечкото дело  на Бајрам е  со силен творечки вознес кој може да се толкува како семе и никулец дарени од Бога. „ Есад Бајрам потекнува од турската етничка заедница во Македонија кој навистина доста храбро и автентично твори на двата јазика. Тој е вистинскиот наследник на турскиот патеписец Евлија Челебија“  рече Кумбаровски.

Есад Бајрам, кој многумина го сметаат за човекот со секогаш ведар дух е роден во 1934 година во Охрид. Тој е современ македонски писател, поет, раскажувач, преведувач, општественик, педагог, публицист, колумнист-секогаш близок до народот.
Со завршен филолошки факултет, овој исклучително плоден автор остава зад себе над 30 објавени дела и повеќе од 50 преводи од македонски на турски јазик и обратно ,  а е добитник и на бројни награди признанија. Од 1987 година е член и на Друштвото на писателите на Македонија.

А. Ристоска