Европската вселенска агенција (ЕСА) објави дека ја испраќа роботската рака „Сампл трансфер арм“ (СТА) и ќе ја користи во мисијата за праќање примероци од почвата од Марс на Земјата.

Тоа е роботска рака долга 2,5 метри што ќе ги подига цевките полни бесценета почва од Марс и ќе ги пренесе во ракетата, за историска меѓупланетарна испорака. Роботот може да изведе низа потези со седум степени на движењата и со помош на две камери и редица сензори. Има држач сличен на рака, што може да ги фаќа и ‘да ракува’ со садовите за примероци под различни агли, соопшти ЕСА.

СТА, всушност, е самоуправувачка машина и, според Агенцијата, е прилично прецизна, што ја прави идеална за својата единствена мисија. Роботот сѐ уште не е на Марс, но ЕСА вели дека наскоро ќе слета на „Црвената Планета“.

Раката има способност ‘да гледа, чувствува и да донесува автономни одлуки’, како и да ги отстрани цевките од роверот, да ги подигне од земјата и да ги стави во контејнер, а потоа да го затвори капакот пред полетувањето од Марс, се додава во соопштението.

Роверот „Упорност“, инаку, ќе ја прослави својата прва годишнина на Марс. Тој минатиот февруари слета на соседната нам планета, а мисијата чини 2,7 милијарди долари.

Вселенските агенции ширум светот со следниот потфат се надеваат дека ќе најдат фосилизирани организми во примероците почва, но веројатноста тие да содржат живи организми е многу мала. Исто така, се поставува прашањето дали е безбедно да се доставуваат такви организми на Земјата, бидејќи тоа ја зголемува опасноста од можна биоконтаминација… Меѓутоа, стручњаците сметаат дека можноста за тоа е речиси на нула.

OhridNews