Клучниот дел за убава насмевка секако се здравите и бели заби. Здравјето и убавината се испреплетени т.е зависат едно од друго. Се што е здраво истовремено и изгледа убаво. За да се чувствувате убаво и сигурни во себе важно е како ќе изгледате и дали може слободно да се насмеете без да ја ставате раката на вашата уста.
Патолошката забна ерозија се дефинира како неповратна загуба на тврдите забни ткива, поради хемиски процес без учество на бактерии, по што се разликува од забниот кариес. Настанатите дефекти на забите се површински, најчесто пругасти и видно ограничени. Сите киселини, од внатрешната или надворешната средина на организмот, предизвикуваат растворање на минералите од тврдите забни ткива, со што доаѓа до ерозија.

Ерозијата на забите е процес на неповратно губење на тврдите забни ткива најчесто тоа е емајлот на забот како резултат на хемиски случувања кои не вклучуваат бактериска активност. Овие хемиски процеси главно се состојат во растворање на минерализираните ткива на забите поради контакт со киселина. Киселините во оралната празнина доаѓаат: од внатрешноста на организмот (од желудникот, поради често повраќање) или од надворешноста (киселини кои ги има во храната, кисели пијалаци, лекови и сл.) Симптомите при забната ерозија се појава на чувствителност на забите на надворешни стимулации, односно чувствителност на топло или студено, благо или солено итн. Најчесто настанува и промена на бојата на површината на забите, кај предните заби зголемена проѕирност (особено на секалниот раб), промена на изгледот на површината на забите и секако промена на формата на забите.

Во случаи кога процесот е напреднат поради губење на премногу од забната структура, можна е појава на силни спонтани болки кои се резултат на воспаление на забниот нерв–пулпитис. Причинители за појава на забната ерозија се киселините кои делуваат на површината на забите и предизвикуваат деминерализација. Забите имаат природен механизам за одбрана од деминерализацијата кој се состои во неутрализација на киселините и реминерализација на површините со помош на плунката. Заради ова, појава на забна ерозија е само во случаи кога постои поместување на динамичката рамнотежа на овие два процеси во прилог на деминерализацијата, односно кога има зголемено делување на киселини или намалено делување на одбранбените механизми. Од киселините кои се внесуваат со храната, се истакнуваат оние кои се наоѓаат во газираните сокови.  Во прилог на штетноста на газираните сокови оди и фактот што освен тоа што кај нив често се комбинирани повеќе различни киселини (фосфорна, лимонска, јаглеродна), присутен и шеќерот кој помага за развој на кариесот.

Најголем ризик за појава на ерозија на забите имаат пациентите кои често консумираат кисели пијалаци (газирани сокови) и често јадат кисела храна (овошје). Ризик група се и пациентите кои примаат одредени лекарства (витамин Ц во форма за џвакање), често повраќаат и имаат намалено лачење на плунка. Спречувањето на забната ерозија не се состои во целосно отфрлање на киселите производи, туку во нивно паметно консумирање.

Еве неколку совети за да ја спречите појавата на ерозија на забите доколку сте уживатели на кисели напитоци и храна: доколку често консумирате кисели пијалаци, подобро е да ги пиете со цевка за да биде контактот со забите е помал. После пиењето на овие пијалаци устата треба да се исплакне со вода. Се препорачува поголемо консумирање на тврдо сирење кое има потенцијал на калциум и фосфор кои брзо можат да ги реминерализираат дефектите, по консумирање на кисела храна. Најголемата грешка што ја прават пациентите е миењето на забите непосредно по консумирање на кисела храна. Потребно е забите да не се мијат веднаш туку после најмалку еден час за да се даде време за природна реминерализација, бидејќи остатоците од киселина во устата делуваат штетно врз измиените заби. Треба да се избегнуваат таблети со витамин Ц кои се шмукаат, а се препорачува џвакање на гуми за џвакање без шеќер (по можност со ксилитол). Кај пациенти кај кои причината за забна ерозија е постоење на друго нарушување на здравјето (намалено лачење на плунка, ксеростомија односно сува уста итн.) потребно е најпрво да се делува за лекување на тоа заболување, а потоа на забната ерозија. Третманот најпрво се состои во откривање на причината за појава на забната ерозија, а потоа во корегирање на настанатите проблеми. Решението зависи од степенот на појавувањето на проблемот. Доколку се работа за зголемена осетливост, се врши бондирање или премачкување на забите со флуориден лак (кој го зацврстува емајлот), или се препорачува паста за реминерализација на забите. Доколку се работи за понапредната фаза на болеста, се врши реставрација на дефектите на забите со пломби или целосно покривање на забите со коронки.

                      

 

Д-р Кристина Стојаноска Алоска
                    Стоматолошка ординација „Д-р Сашо Стоев“