Составот на Интер е првиот патник во полуфиналето во Купот на Италија. „Нероазурите“ пласман во топ 4 обезбедија со триумфот над градскиот Милан со 2-1 (0-1).
Дербито на „Џузепе Меаца“ понуди неверојатен фудбал, исполнет со сите сегменти од фудбалската игра. „Росонерите“ поведоа со голот на Златан Ибрахимовиќ во 31-та минута. Со тој резултат се замина на одмор, но претходно голема расправија, која за малку не ескалираше со тепачка се случи помеѓу Ибрахимовиќ и Ромелу Лукаку. Двајцата фудбалери си разменија погрдни зборови и ќе биде чудно ако италијанска дисциплинска комисија не ги казни актерите во немилите сцени.
После 15-тина минути игра во второто полувреме Милан остана со фудбалер помалку, втор жолтон картон доби Ибрахимовиќ. На Интер му беа потребни 10 минути да го најде патот до мрежата и да изедначи. Лукаку од пенал реализираше.
„Нероазурите“ доминацијата на теренот ја капитализираа со погодок во петтата минута од судиското продолжение. Данецот Кристијан Ериксен со маестрален погодок од слободен удар ја погоди целта и донесе водство за Интер, кое на крајот се покажа доволно за победа.
Интер во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од дуелот Спал – Јувентус.
OhridNews