Музичарот Ерик Клептон ги продал сите 70 гитари колку што понудил на една хуманитарна аукција која била одржана во Њујорк. Тој за понудените гитари достигнал цена од вкупно 2,15 милиони долари, а целиот приход ќе биде наменет на центарот за рехабилитација “Crossroads” на островот Антигва, кој го основал 1998 година откако и самиот се излекувал од алкохол и дрога.


Најголем износ достигнала гитарата „Гибсон“ од 1948 година која била продадена по цена од 83 илјади долари. На аукцијата била продадена и гитарата со која Клептон свирел на повторното обединување на групата “Cream” 2005 година, а на аукцијата свои инструменти донирале и Џеф Бек, Џо Бонамаса и Џеј Џеј Кејл.