Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган синоќа навести дека Турција може да го одобри приемот на Финска во НАТО, но не и на Шведска.

Доколку е потребно, можеме да дадеме поинаква порака за Финска. Шведска ќе биде шокирана кога ќе дадеме поинаква порака за Финска, рече шефот на турската држава за кандидатурата на двете нордиски земји за членство во НАТО, одговарајќи на прашање за време на средба со млади.

Со оваа изјава Анкара првпат навестува дека е подготвена да ја третира кандидатурата на Финска одделно од кандидатурата на Шведска.

Турција во вторникот го блокираше пристапувањето на Шведска и Финска во НАТО, одложувајќи го на неодредено време трипартитниот состанок првично закажан за почетокот на февруари, кој требаше да ги отстрани приговорите на Анкара за нивната кандидатура.

Турскиот претседател во понеделникот предупреди дека Шведска, која Турција веќе ја обвини дека засолнува курдски „терористи“, повеќе не може да смета на „поддршката“ на Анкара откако екстремно десничарски активист запали копија од Куранот во Стокхолм.

Без да го спомене овој настан, турскиот претседател, сепак, ги повтори своите приговори за Шведска во однос на барањата на Турција за екстрадиција на Курдите.

Им рековме: „Ако сакате да влезете во НАТО, мора да ни ги вратите тие терористи“. Им дадовме список од 120 луѓе (…) Но тие ни се смеат и се повикуваат на нивниот Устав, рече Ердоган.

Фактот дека антиисламски десничарски екстремист минатата недела запали Куран во близина на турската амбасада во Шведска предизвика силни протести на Анкара и муслиманскиот свет, а Анкара веќе ја откажа најавената посета на шведскиот министер за одбрана.

Стокхолм го осуди палењето на Куранот како чин на „длабоко непочитување“ и изрази „сочувство“ за муслиманите, истакнувајќи дека шведскиот Устав спречува забрана за такви дела, но тоа не го смири турскиот гнев.

Заедничкиот влез во НАТО на двете нордиски земји останува „првата опција“, но „очигледно треба да ја процениме ситуацијата, ако нешто се случило што би значело дека долгорочно Шведска веќе не може да оди напред“, изјави во вторникот шефот на Финската дипломатија, Пека Хависто, но дополнувајќи дека „премногу е рано да се заземе став“.

До неодамна, Хелсинки одбиваше да шпекулира за приклучување без Шведска, укажувајќи на предностите од заедничкото членство со својот многу близок сосед.

Турција од мај ги блокира Шведска и Финска да пристапат во НАТО обвинувајќи ги дека засолнуваат курдски екстремисти и симпатизери кои ги опишува како „терористи“, особено оние од Курдската работничка партија (ПКК), која и во САД и во ЕУ е на листата на терористички организации.

За разлика од случајот со Шведска, Турција во последните месеци изјави дека нема големи забелешки за влезот на Финска во НАТО.

OhridNews