Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека земјата ги отфрла сите потези на „лов на вештерки“ против рускиот народ, уметност, научници или уметници, јави агенцијата Анадолија.

Како што не би ја напуштиле Украина, не прифаќаме практики слични на лов на вештерки против рускиот народ, книжевноста, студенти или уметници, изјави Ердоган пред Клубот на пратеници на владејачката Партија на правдата и развојот (АК Партија) во Турција во Големото национално собрание.

Потсетувајќи на тоа дека Германската филхармонија од Минхен го отпуштила рускиот диригент поради неговата поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, Ердоган рече дека таквите „фашистички практики“ ја засенуваат легитимната борба во пружањето отпор на руските трупи така што поттикнуваат клима на омраза и лутина и сеат нови непријателства.

Турскиот претседател ги критикуваше и меѓународните организации поради непреземање акција околу воените зони, особено Советот за безбедност на ОН, јави Анадолија.

Ердоган долго време ги критикуваше ОН за нивната неефикасност во справувањето со глобалните проблеми и се залага за реформи во Организацијата со поинклузивен Совет за безбедност.

Во врска со бегалците кои бегаат од војната во Украина, поради извештаите дека некои африкански и азиски бегалци се приведени, Ердоган рече дека начинот на размислување што ги дискриминира угнетените врз основа на нивната религија, национално потекло или боја на кожа нема никаква врска со човештвото или цивилизацијата.

Турција никогаш не ги етикетира оние кои бегаат од војна и прогонство според нивниот јазик, религија или боја на кожа, рече Ердоган.

Министрите за надворешни работи на Русија, Украина и Турција треба да се сретнат оваа недела во јужното турско летувалиште Анталија, а Ердоган истакна дека Анкара прави големи дипломатски напори за да се стави крај на војната во Украина.

Тој рече дека се надева оти средбата, која ќе се одржи во пресрет на тридневниот Дипломатски форум во Анталија, ќе ја отвори вратата за траен прекин на огнот во Украина.

Ердоган во обраќањето до парламентарните пратеници од АК Партијата зборуваше и за актуелната економска состојба во Турција и мерките што државата ги презема за забрзување на економското закрепнување по пандемијата од Ковид-19.

Турција брзо ќе ги надмине и проблемите со кои се соочува во моментов, како што правеше досега, рече Ердоган.

Тој, исто така, рече дека Турција уште еднаш ја докажала својата отпорност на шоковите со својата продуктивна сила и политика за вработување, јави Анадолија.

OhridNews