Грчкиот став во однос на името на Македонија е неправеден и неразбирлив, рече турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган по денешната средба со неговиот македонски колега Никола Груевски во Скопје, пренесува „Макфакс“.

Според Ердоган, Македонија има природно право да го користи своето уставно име и повтори дека неговата земја останува доследна на ставот во тој правец.

„Природно право на Македонија е да го користи своето уставно име. Во тој процес ние ја поддржувавме земјата, бевме со Македонија. Грчкиот став за нас е неразбирлив и неправеден и како таков. Го знаеме името на Грција – тоа е Грција. Тоа е многу јасно. Во тој контекст додавките како Горна, Долна, Северна немаат никакво значење и нема никакво разбирање таквото делување. Ваквите и слични видувања се неправедни“, рече Ердоган.

За него, нема сомнеж дека Македонија ќе стане членка на унијата пред Турција. Брзо напредувате, рече Ердоган.

„Во однос на европските интеграции, ми се чини дека Македонија ќе биде членка на унијата пред нас. Толку брзо напредува. Во тој правец, ние сме во почетокот на преговори, но да немате никаков сомнеж – Македонија ќе биде членка на Европската Унија пред нас. Ние по вас ќе станеме членка. Уште од сега ви велиме нека ви е аирлија“, вели Ердоган.

Од своја страна, Груевски побара унијата доследно да ја спроведува политиката на проширување кон земјите-кандидати што напредуваат во исполнувањето на критериумите.

„Ја потенциравме неопходноста за доследна примена на политиката за проширување од страна на Европската Унија спрема земјите кандидати кои ги исполните стандардите за членство“, рече премиерот Груевски.

Двајцата премиери констатираа одлично ниво на политичка соработка меѓу двете земји. Се заложија за интензивирање на економската соработка меѓу двете земји. Изразија очекување дека нивото на трговска размена од 400 милиони долари на годишно ниво ќе се зголеми на една милијарда долари во следниот период. Во тој контекст, Ердоган побара турскиот приватен сектор да ги засили инвестициите во Македонија.

Меѓу другото, Ердоган побара и континуирано одржување и зачувување на објектите од отоманскиот период на територијата на Македонија, од што, според него, двете земји ќе имаат придобивки.