Еден од новонабавените авиони за гасење пожари од типот „Ер-трактор“ деновиве доживеал мала непријатност при слетувањето на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје каде се приземјил на пловците наместо на тркала, тврдат членовите на интернет форумот „Авијација“, меѓу кои најголем дел се пилоти, контролори на летање и стручни лица од оваа област.

„Од неофицијални извори само што дознав дека еден „Ер трактор“ имал вонредно слетување на „Александар Велики“ пред само неколку минути“-започнува дискусијата на овој популарен форум. “За жал е потврдено. Од засега непознати причина „Ер Тракторот“ слетал на „LWSK“ на пловците!“-продолжува друг член.

Во незгодата за која членовите на споменатиот форум тврдат дека се случила на скопскиот аеродром, немало повредени, а не е познато колкава е евентуалната штета. Членовите на форумот, меѓутоа, изразуваат чудење зошто не е објавена информација во јавноста за наводниот инцидент. Своите сомнежи тие ги поткрепуваат и со тоа што во гасењето на пожарот на Баба планина деновиве бил вклучен само еден противпожарен авион.

Во дискусијата за непотврдениот инцидент, членовите на овој стручен форум дискутираат за причините поради кои се случила незгодата. Така еден дискутант ќе напише: „Воздухопловството е гранка каде нема место за малери и случки кај пропустите и незгодите. За секоја незгода и малер причините се од човечки фактор. Само со огромна посветеност, тренинг и почитување правила и прописи можат вакви работи да се избегнат“. Учесниците на форумот имаат забелешки и на изборот на посадите кои управуваат со противпожарните авиони, кои неодамна требаше да заминат во Русија за да учествуваат во гасењето на големите пожари и за да стекнат неопходно искуство, но до реализација на оваа најава не дојде.

Инаку последната фаза од обуката, посадите на  новите противпожарни авиони ја реализираа на Охридското Езеро во јуни.

OhridNews