Американската компанија Епл е највреден бренд во светот. Како што пренесува „Макфакс“, Епл го надмина интернет гигантот Гугл што го држеше првото место, но според рангирањата, нови пазари исто така наголемо се наметнуваат со свои марки.

 Питер Волш е глобален директор на BrandZ, која ги рангира највредните брендови во светот. Тој за Гласот на Америка зборуваше за напредокот што новите пазари го имаат направено во изминатите години:

„Ако погледнете пет години наназад, во 2006-та, кога почнавме со рангирањето, имаше само два бренда од Кина меѓу првите 100. Сега бројката од земјите во развој плус Мексико изнесува 19 брендови. Значи, на нив отпаѓаат една петтина од вкупната бројка на брендови“, вели Волш.

Бразилската енергетска компанија Петробрас е рангирана на 61-то место, индиската банка ICICI на 53-тото, додека најголемиот кинески интернет пребарувач Баиду – на 19-тото место.

Експертите велат дека најбрзо растечка економија е Африка. Но, ниту една компанија од овој континент не се наоѓа на листата на 100 брендови.

Волш вели дека Африка допрва треба да развива затоа што според големината и вредноста на пазарот заостанува зад Индија и Кина. Но, тој додава дека потрошувачката база расте за производи од Африка:

„На Африка гледаме на област каде брендовите особено добро котираат. На пример, банката Standard Chartered Bank е меѓу најдобрите брендови во Велика Британија и има пораст од 45 проценти од нивните активности во Африка“, додава Волш

Во некои африкански сектори има забележано голем напредок. Системите за финансиска трансакција преку мобилен телефон е пример за иновацијата која доаѓа во Африка. Ова е Давда Џобарте, директор на панелот за напредокот на Африка, со седиште во Женева:

„Ако ја анализирате компанијата М-PESA во источна Африка во мобилниот банкарски и финансиски систем, ќе видите дека тие се иноваторите во тоа поле во цел свет“, вели Џобарте.

Сепак, тој вели дека бизнис-климата во Африка доцни во развојот од многу аспекти. Потребно е силно лидерство со цел да се внесат африкански компании меѓу првите 100 во светот.

Брендовите од областа на технологијата сочинуваат една третина од првите 100 компании во светот. Епл е број еден, симнувајќи го Гугл од лидерската позиција што ја држеше во изминатите четири години.

OhridNews
извор:„Макфакс“