Полни раце работа имаше охридската полиција за време на празничниот викенд, во кој се регистрирани голем број прекршоци, но и кривични дела.

Евидентирани се две сооброќајни незгоди. Во првата случена кај населбата „Лагадин“, едно лице се здоби со тешки телесни повреди, а во втората, случена на улицата „Ванчо Николески“ во Охрид, возачот на едно возило учесник, откако удрил во паркиран автомобил, го напуштил местото и избегал. За време на празничниот викенд, регистрирани се и шест нарушувања на јавниот ред и мир. Сите се целосно расчистени, сторителите се приведени и поднесени се соодветни пријави. Во истиот период, приведени се и околу десеттина лица од Скопје и од други градови кај кои е  пронајдена опојна дрога марихуана.

Уште еден инцидент бил регистриран ноќеска. Дваесет минути пред три часот 19-годишен охриѓанец пријавил дека на бензиска пумпа лоцирана на улицата „15 корпус“ бил физички нападнат од 32-годишно лице од Охрид. Против напаѓачот, СВР Охрид најави дека ќе поднесе соодветна пријава.

Во текот на празничниот викенд, СВР Охрид спроведе интензивни превентивни и други мерки со цел, зачувување на стабилната безбедносна состојба на подрачјето. Полициски службеници од СВР Охрид но и од други полициски станици кои, деновиве се на испомош во Охрид, реализираа засилени патролни служби во централното градско подрачје, во периферните делови, по плажите и на паркинг просторите со цел, спречување на кражби на вредни предмети по крајбрежието или од паркирани автомобили. – информира портпаролот на СВР Охрид Стефан Димовски.

Според статистичките податоци на МВР, пак, во изминатото деноноќие, на подрачјето на СВР Охрид, полициските службеници констатирале 170 прекршоци за неносење лична заштита на лицето, од кои 90 во Охрид, 46 во Струга, 30 во Кичево и 4 во Дебар.

OhridNews