Претседателот на Институтот за јавно здравје во Германија, Рајнхард Бургер  изјави дека епидемијата од смртоносната ентерохеморагиска бактерија, ешерихија коли (ЕХЕЦ) би можела да потрае со месеци, пренесуваБи-Би-Си .

Бургер во разговорот за Би-Би-Си рече дека можно е „изворот на заразата никогаш да не се дознае“ и изрази жалење дека шпанските краставици се погрешно проценети дека се извор на болеста.

Повеќе од 1.500 лица во Европа се заразени од ЕХЕЦ, бактерија која предизвикува потенцијално смртоносен хемолитички уремијски синдром ХУС. Седумнаесет лица починаа досега, 16 во Германија и едно лице во Шведска.

Само за еден ден се пријавени 365 нови случаи, а во четвртина од нив се разви ХУС. Меѓу новите случаи се и два во САД, кај лица кои неодамна престојувале во Германија.

Професорот Бургер вели дека невозможно е да се предвиди кога епидемијата би престанала. „Бројот на заразени сигурно ќе почне да опаѓа, но не сум сигурен кога тоа ќе се случи тоа. Може да поминат недели и месеци. Колку ќе трае епидемијата ќе зависи  уште колку од заразената храна има во магацините и дали оригиналниот извор на болеста е се уште активен“, рече тој.

Шпанија се закани дека ќе поднесе тужба против германските власти во име на своите земјоделци, кои погрешно го поврзаа шпанскиот зеленчук со изворот на зараза.

Откако е утврдено дека шпанските краставици не ја предизвикале потенцијалната смртоносна зараза од бактеријата ешерихија коли, Европската комисија вчера ги повлече предупредувањата до потрошувачите.

Шпанија проценува дека поради погрешните обвинувања, земјоделците изгубиле повеќе од 200 милиони евра.

Истрагата за изворот на заразата сега е повторно на почеток. Изворот би можел да биде било каде меѓу фармите на кои се одгледува зеленчук ,до пазарите во Хамбург, област која е најтешко погодена од епидемијата.

Освен во Германија и Шведска, случаи на зараза од ЕХЕЦ забележани се уште и во седум европски земји Австрија, Данска, Холандија, Норвешка, Шпанија, Швајцарија и Британија. Речиси сите заразени или живеат или престојувале во Германија.

OhridNews
извор: „Макфакс“