Петтото учество на континенталните собири репрезентацијата на Македонија го отвори со сензационална победа на Словенија (25-24) која е носител на бронзен медал од последното Светско првенство. „Црвено жолтите“ со храбрата и пожртвувана игра ги освоија симпатиите на хрватите и неутралните љубители на ракометот кои се дел од Европското првенство во Хрватска.
– Задоволен сум од моите момци со кои заедно успеавме да ја победиме Словенија која мора да се каже дека е трета ракометна веле сила во светот. Мечот го започнавме многу лошо, промашивме зицери и грешевме, но потоа се консолидиравме и заигравме како што знаеме. Во второто полувреме повторно имавме добри и лоши моменти, но не потклекнавме и успеавме да победиме. Не ни останува многу за радување, бидејќи мора да се насочиме сите кон нашиот следен противник Црна Гора. – изјави селекторот на Македонија, Раул Гонзалес.
Капитенот на Македонија, Кирил Лазаров со седум погодоци и Дејан Манасков со 8 голови беа предводници на нападот во триумфот над „змајчеките“ кој широко ги отвара вратите за пласман во главната фаза.
– Најпрво ќе ги пофалам навивачите, бидејќи прават исклучоци од своите животи и доаѓаат да не бодрат. Се чувствуваме како да играме во нашата земја и притисокот ни паѓа на нашите плеќи. – додаде Лазаров.
Во втората рунда од групната фаза пулените на Раул Гонзалес ќе ги одмерат силите со Црна Гора, додека во третата ќе се судрат со Германија.
Почеток од соништата на Македонија на ЕП !
Мх.П.