Во неизвесен натпревар до самиот крај селекциите на Чешка и Македонија ги поделија бодовите ремизирајќи 27-27 (17-11) во втората рунда од квалификаците за Европското првенство во Полска.
„Црвено жолтите“ можат и треба да бидат задоволни од ремито против чесите кои на стартот од вториот дел имаа предност и од осум погодоци (19:11).
Избраниците на селекторот Ивица Обрван одлично го започнаа мечот и имаа предност од 6-3, но тогаш застанаа.
Чесите го презедоа водството и до крајот на првиот дел се одлепија на плус шест (17-11).
Во вториот дел македонските репрезентативци носени на крилата од голманот Борко Ристовски (20 интервенции) полека ја топеа предноста на домаќините.
Резултатот на семафорот по 55 минута беше 25-25, а капитенот на Македонија, Кирил Лазаров (10 голови) не реализираше удар од седумте метри.
Последниот напад им припадна на чесите, но Ристовски со одбрана ја потврди светската класа и донесе „среќен“ бод за македонската селекција.
Ремито оди во прилог на репрезентацијата бидејќи Чешка во март гостува во спортската арена „Борис Трајковски“ можеби во решавачкиот меч за патникот на ЕП во Полска.
Мх.П.