Со погодоците на дефанзивецот Рафаел Гереро и првата виолина Кристијано Роналдо во 84-та, 86-та и 90-та минута, португалската селекција го скрши отпорот и ја растури жилавата Унгарија и запиша триумф (3-0) на стартот од мечевите во групата на смртта.

Унгарија делуваше многу компактно, неутрализирајќи го дрим тимот на Португалија сочинет со големи ѕвезди од клупските гиганти. Репрезентативците на Унгарија успеаја и да погодат, но голот беше поништен поради недозволена офсајд позиција.

Во 84-та минута Рафаел со помош на противничкиот фудбалер ја затресе мрежата и го отвори резултатот. Негативата тешко ја прифатија унгарците, кои во продолжението од натпреварот се распаднаа. Две минути подоцна Жота изнуди пенал, а сигурен реализиратор беше Роналдо. Капитенот на португалците во судиското продолжение стрелаше уште еднаш за конечни 3-0.

Со овој триумф Португалија заврши голем дел од работата, бидејќи во групата на смртта уште се наоѓаат светскиот првак Франција и најтрофејната селекција Германија.

OhridNews