Катастрофалната игра во нападот во последните минути од мечот ја чинеше Македонија пораз од Босна и Херцеговина 62-54 што преставува трет за „црвено жолтите“ во групата Б.
По овој пораз македонската кошаркарска репрезентација ги загуби речиси сите шанси за пласман во следната фаза од Евробаскетот во Словенија и повторување на литванската бајка од пред две години.
Македонија по две одиграни четвртини имаше негатива од еден поен, што наговестуваше жестока битка во преостанатите 20 минути.
Во третиот дел избраниците на селекторот Алеш Пипан негатива од поен ја претворија во позитива од четири поени. Тогаш, нервите кај противникот попуштија и селекторот на „белите“ Александар Петровиќ заработи втора техничка грешка што значеше исклучување.
Сето ова македонските кошаркари не го искористија за да ја дотолчат босанската репрезентација, него им дадоа сламка за спас што фатија со две раце.
Следуваше оној црн период од пет минути кога репрезентативците неможеа да ја погодат мрежичката, босанците мудро го искористија тоа направија серија што ги одведе до втор триумф во групата.
Македонија во последното коло ќе се сретне со Латвија и само теорија ја оствава во игра за пласман во втората група од ЕП во Словенија.
Мх.П.