Полската фудбалска репрезентација го задржа максималниот ефект во европските квалификации совладувајќи ја Македонија со минимални 1-0 (0-0) во најинтересната пресметка од третата рунда во групата Г.
„Белите“ до целиот плен на Националната арена „Тодор Проевски“ стигнаа со среќниот погодок на Криштоф Пјонтек во втората минута од второто полувреме. „Црвено жолтите“ и покрај нападите не успеаја да го надмудрат гостинскиот голман Лукас Фабијански и да избегнат пораз.
Првиот дел изобилуваше со тактизирање и со цел да се зачува сопствената мрежа. Полските репрезентативци имаа блага иницијатива, но без некоја конкретна прилика. Македонија од полу контри и контри се закануваше но епилогот беше исти како и полскиот.
Во 47-та минута, Полска со голема доза на среќа ја погоди мрежата и го отвори резултатот. По нафрлувањето од корнер Алијоски лошо ја изби топката која остана во голманскиот простор, а во мешаницата најдобро се снајде Пјонтек кој ја закачи топката доволно да ја усмери во голот. До патот на мрежата топката не ја удрија ниту Левандовски и Блик, а не се најде ниту еден наш играч да расчити и заврши во мрежата.
Примениот погодок не ги обесхрабри нашите репрезентативци кои тргнаа по изедначувачки погодок. Полскиот бедем пред голот добро функционираше до 75-та минута кога Македонија во неколку акција по ред се закани кон Фабијански. Токму чуварот на мрежата беше на висина на задачата после ударите на Алијоски и Трајковски и не дозволи егал во Скопје. Во финишот работата беше уште потешка, откако дефанзивецот Висар Муслиу доби црвен картон после два жолти.
Избраниците на Игор Ангеловски го претрпеа првиот пораз во квалификациите за ЕП. Македонија во следнта четврта рунда на домашен терен ќе ја пречека Австрија.
OhridNews
Фото: Гол.мк