Двете непоразени селекции во групата Г, Македонија и Полска, вечерва на Националната арена „Тодор Проевски“ во 20:45 часот ќе се сретнат во рамките од третата рунда во квалификациите за Европското првенство.

Средбата со Полска ќе биде супер предизвик за нашата селекција, но тест и патоказ за понатамошните мечеви од квалификациите. „Црвено жолтите“ имаат победа и реми во два одиграни натпревари, наспроти полјаците кои имаат две победи во исто толку мечеви.

  • Ќе излеземе со цел да се бориме за позитивен резултат против еден квалитетен противник.Среќен сум што повредите нè одминаа. Дел од оние кои се враќаат од повредите направиja сè што можат да се вратат и да играат на овие натпревари. Тоа покажува какви личности имаме во тимот и тоа може само да ме радува. Ќе играме максимално офанзивно и одговорно и нема да менувам ништо од мојата филозофија. Ни доаѓа една квалитетна селекција, а тоа буди многу мотиви кај нас да се избориме за позитивен резултат и да покажеме колку вредиме. – изјави селекторот Игор Ангеловски на официјалната прескофенреција.

Полјаците во Скопје допатуваат со најдобриот состав. Единствено ќе отсуства голманот Војчеслав Шчезни, додека селекцијата ќе ја предводи капитенот Роберт Левандовски.

  • Левандовски е добар играч, но ние ќе играме против Полска. Само со тимска игра се справуваме со секој противник, па така ќе биде и утревечер. Воопшто не е важно против кој ривал играме, туку за што играме. Убеден сум дека тие кои ќе излезат на терен ќе го дадат последниот атом да се радуваме. – додаде селекторот.

OhridNews