Македонската машка одбојкарска репрезентација го претрпе вториот пораз на Европското првенство, откако вчера загуби од фаворизираната Холандија со 3-0 (25-19, 25-19, 25-16) во својот четврти натпревар во групата Ц која се игра во Скопје.
Македонските одбојкари влегоа во дуелот против силната Холандија хендикепирани без капитенот Никола Ѓоргиев, кој непосредно пред денешниот натпревар во СЦ „Борис Трајковски“ се пожали на болки во грбот и не можеше да им помогне на своите соиграчи.
Во македонскиот табор одлучија да не се ризикува со повредата и предводникот на македонскиот состав да биде оспособен за утрешниот клучен натпревар против Чешка во битка за третото место во групата Ц, од која четирите првопласирани репрезентации во Бари ќе вкрстат во осминафиналето со селекциите од групата А.
Со ефект од две победи и исто толку порази, македонските одбојкари се третопласирани во групата со ист број бодови како и Чешка на четвртото место, пред меѓусебниот дуел утре во завршното коло од 20 часот.
OhridNews