Репрезентацијата на Украина ги запиша првите бодови на табелата во групата Ц, победувајќи ја македонската селекција со 2-1 (2-0), во втората рунда од фазата по групи на Европското првенство. Македонија, пак, го претрпе вториот пораз, по оној од Австрија, на почетокот од евро-шампионатот.

„Црвено жолтите“ беа рамноправен и подобар ривал во вторите 45 минути, но во првиот потфрлија, а токму таму Украина си создаде залиха од 2-0, што на крајот се покажа доволно за победа. Украина со триумфот над Македонија ги врати шансите за пласман во нокаут фазата, додека нашите иако постојат, сепак, се теоретски.

Украина офанзивно го отвори натпреварот, потиснувајќи ја Македонија на сопствената половина. Избраниците на Андреј Шевченко креираа две прилики, но Малиновски и Јармоленко не успеаја да го надмудрат македонскиот голман Димитриевски.

Бедемот пред голот на Македонија попушти во 29-та минута кога Јармоленко на втора статива ја смести топката во мрежата. Пет минути подоцна следуваше нов шок за Македонија, Украина поведе со 2-0. Јаремчук успешно избега офсајд стапица и со прецизен удар го матираше Димитриевски.

Погодокот на Јармоленко за 1-0.

Јаремчук стрела за 2-0.

Македонија успеа да ја затресе мрежата, но погодокот на Пандев беше пониште поради офсајд позиција.

Во второто полувреме на теренот во Букурешт излезе храбра Македонија. Измените на одморот внесоа свежина и Македонија ја притисна Украина. Ударите на Трајковски беа најголема закана. Токму после негов обид топката од гредата се врати во игра, а Пандев излезе пред Матвлинко кој во намера да ја избие топката го погоди капитенот. Аргентинскиот судија без двоумење покажа на белата точка. Прецизен од втор обид беше Алиоски, кој не успеа да го совлада украинскиот голман од белата точка.

Комплетниот извештај од натпреварот Украина – Македонија.

Погодокот ја врати надежта на Македонија. Пулените на Игор Ангеловски продолжија со офанзивната игра. Повторно, Трајковски ги предводеше нашите напади. Фудбалерот на Мајорка се закани од голема далечина, а украинскиот чувар на мрежата со крајни напори ја изби топката во аут.

Шевченко направи измени, а украинците го намалија притисокот на Македонија. Украинците имаа шанса да го „затворат“ натпреварот, но Димитриевски успеа да му го одбрани пеналот на Малиновски. Во последните пет минути, Македонија нападна, креираше неколку полуприлики за погодок од кои ниту една не реализираше. Украина го задржа минималното водството и запиша значајна победа.

Македонија без бодови е четвртопласирана во групата, а фазата по групи ќе ја завршиме со дуелот против Холандија, на „Јохан Кројф“ арената во Амстердам.

Мх.П.