Македонија и Словенија ги поделија бодовите во еден изедначен натпревар во Љубљана. Нашата репрезентација одигра сосема солиден меч, можевме и до победа, но се чини дека ремито е најреален резултат на натпреварот.
Македонија уште на самиот почеток тргна напаѓачки, кроеше акции на половината на Словенија, но првата шанса ја имаа домаќините. Во седмата минута Шпорар од левата страна излезе сам пред Димитриевски но нашиот голман беше поуспешен. Нашата репрезентација изгледаше поорганизирано на теренот, но не успеваше да креира чиста ситуација за гол во првата третина од натпреварот. Резултатот беше отворен во 34. минута кога Словенците изведоа контра, Шпорер нафрли до Зајц а тој со глава постигна гол за водство на домаќините од 1-0. Првата голема шанса Македонија ја имаше во 37. минута кога Горан Пандев од убава ситуација биеше над голот на Облак. Осум минути подоцна Барди се најде во уште поубава позиција но и тој шутираше над голот.
По две минути игра во второто полувреме Македонија изедначува на 1-1, по асистенција од Алиоски, Барди постигна гол за израмнување на резултатот. Осум минути подоцна Словенија имаше голема шанса да го врати водството, Зајц повторно биеше со глава, но Бејтулаи спаси по втор пат да биде затресена наѓата мрежа. На 15. минути до крајот Елмас се обиде со шут од страна но биеше право во Облак, можеби подобро ќе беше да се одлучеше за центаршут. До крајот Словенија беше таа која се обидуваше да креира шанса за гол, Македонија чекаше да нападне од контра, но не се случи ништо позначајно.
По првите две одиграни кола во квалификациите Македонија има четири бода. Следните мечеви нашата селекција ги игра во јуни на домашен терен со Полска и Австрија.
OhridNews