Репрезентацијата на Македонија, вечерва со почеток во 20 часот и 45 минути на Националната арена „Тодор Проески“ во четвртата рунда од квалификациите за пласман на Европското првенство ќе ја пречека селекцијата на Австрија.
„Црвено жолите“ во дуелот со австријците ќе бараат лек за раните од незаслужениот пораз од Полска, додека противниците со позитивен резултат комплетно ќе се вратат во игра после лошиот старт на квалификациите.
- Мора да настојуваме да бидеме на висината на задачата. Ние во континуитет играме добро, тоа не беше само со Полска, туку и со Словенија и Летонија. За жал тоа не ни донесе резултат, но се надевам дека со Австрија ќе дојдеме до бодови. Немам намера да отстапам од нашиот стил на игра и понатаму,. Австрија си има свои квалитети, имавме можност да го изанализираме нивниот натпревар со Словенија во кој славеа. Имаат индивидуални квалитети, но и како тим се доста добри. Се работи за крај на сезона, но мислам дека ќе останат во својот бундеслигашки стил и се потпираат на дуел-игра и трчање. – изјави селекторот Игор Ангеловски.
Офанзивецот Илија Несторвски смета дека Македонија треба да продолжи да игра добро и оти погодоците и резултатите сами ќе дојдат. – Ние подолго време играме добро, против сите репрезентации играме да дадеме гол и да бидеме подобри. Бевме доста добри со Полска, а ако согледаме добро се работи за еден квалитетен тим. Штета за нас што не одигравме барем нерешено. Ни дадоа шут по еден обичен допир. Имавме полуизгледни шанси. Се надевам дека против Австрија ќе успееме да постигнеме гол.
Поради картони средбата со Австрија ќе ја прескокне Висар Муслиу, а неизвесен е настапот на Елиф Елмас кој се пожалил на повреда на зглобот. Македонија со четири бодови е третопласираната на табелата, додека Австрија со три бодови е едно место подолу.
OhridNews