Македонската фудбалска репрезентација, денеска, на Националната арена во Букурешт против селекцијата на Украина, го игра одлучувачкиот натпревар во фазата по групи на Европското првенство. Мечот се игра во 15 часот.

Двете селекции се „ранети“, затоа што во првите дуели од ЕП претрпеа порази. Победникот од овој дуел не само што ќе ги задржи, туку ќе си создаде добра можност да обезбеди пласман во елиминациската рунда.

Најважната лекција е дека повторно веруваме дека имаме квалитет, затоа што до 80. минута имавме активен резултат против Австрија. Не се браневме, не игравме бункер дури имавме и ситуации да поведеме. Сепак, тоа не успеавме да го направиме, примивме гол по пад на концентрација. Сепак, следува меч со Украина, мислам дека имаме ситуација во која можеме да се поправиме на резултатски план. Имаме пред нас ривал кој исто така има нула бодови, што значи дека ова за нас е финале. И да не успееме нема да биде трагедија, а нормално дека ќе дадеме се од себе. Украинците се квалитетни, тоа го покажаа и против Холандија. Имаат одлични индивидуалци, но и ние имаме квалитет и покажавме дека можеме да се носиме со сите. – рече селекторот Игор Ангеловски.

Десниот бек Стефан Ристовски рече дека нема пад на атмосферата во селекцијата и оти репрезентативците се максимално мотивирани за дуелот против пулените на Андре Шевченко.

Ова е големо натпреварување, ние не смееме да дозволиме ништо да не деконцентрира. Следуваат уште два меча, ќе го дадеме максимумот. Овде не дојдовме како туристи, имаме огромен квалитет. Со три блока, со бранење на нашиот гол и брзи контри да го изненадиме противникот.  – изјави Ристовски.

Правдата на натпреварот во Букурешт ќе ја дели аргентинскиот арбитар Андрес Рапалини, што ќе претставува историја, затоа што тој ќе биде прв абитар од Јужна Америка кој ќе суди на ЕП.

OhridNews