Македонската фудбалска репрезентација остана во игра за првите две позиции на табелата во квалификациите за пласман на Европското првенство, по победата над селекцијата на Словенија со 2-1 (0-0) вечерва на Националната арена „Тодор Проевски“.

„Црвено жолтите“ го одржаа зборот, одиграа храбро и без респект кон квалитетниот состав на Словенија кој исто така најави победа во Скопје. Човек на одлука што се однесува до погодоците беше Елиф Елмас, но заслуга  за победата имаат сите фудбалери заедно со стручниот штаб и 20 000 гледачи кои беа на стадионот.

Мрежите мируваа во првите 45 минути, но прилики имаше на двете страни. Македонија, во главно се закануваше со удари од далечина, додека словенците кои ја имаа топката во своите нозе голот го загрозуваа со воиграни акции. Во финишот од првото полувреме Македонија погоди, но водечкиот погодок на Елмас беше понитешен поради офсајд.

После пет минути игра во вториот дел Елмас повторно најде начин и го матираше голманот на Словенија за водство 1-0. На водечкиот погодок му претходеше маестрална акција на тандемот Елмас и Пандев, кој од игра ја исфрли целата одбрана на Словенија.

Страстите се распламтија на теренот, а Македонија со добра и организирана игра во одбраната не дозволи Словенија да се закани. Наградата за пожртвуваната игра стигна во 68-та минута кога Елмас зголеми на 2-0. Најдобриот наш фудбалер со погодок ја круниса пеколната контра од школските учебници.

Во судиското продолжение Словенија од пенал намали на 2-1. Сигурен егзекутор беше Иличиќ кој го постави конечниот резултат.

Позитивната атмосфера на стадионот и резултатот ја наруши тензијата пред вратите од стадионот во пресрет на почетокот на натпреварот. Вљубеници во македонскиот фудбал останаа пред влезот на стадионот иако дел од нив имаа уредно купено билети за дуелот со Словенија.

Со трите бодови, Македонија се искачи на третата позиција додека Словенија од второто падна на четвртото место на табелата во Г групата. А селекцијата во следната рунда гостува кај лидерот на табелата Полска.

OhridNews