На Европското фудбалско првенство во Германија вечерва се одигра последното, трето коло во А-групата. Германија се спаси од пораз со Швајцарија, додека Унгарија со гол во 100. минута ја победи Шкотска и ги задржа шансите за плејоф.

Швајцарија со голот на Ндиаје во 28 минута долго водеше во мечот со домаќинот на шампионатот. Спасител на Германија беше напаѓачот на Борусија Дортмунд Филкруг кој донесе израмнување во 92 минута.

Резервистот Шобот во десеттата минута од продолжението донесе голема радост на унгарците кои со минималната победа над Шкотска ги задржаа шансите за пласман помеѓу 16 репрезентации кои ќе ги продолжат натпреварите на Европското првенство.

Овој натпревар го одбележа и тешката повреда на унгарскиот напаѓач Барнабас Варга кој по еден судир во противничкиот шеснаесетник остана да лежи без свест. Тој е пренесен во болница во Штутгард и според информациите од Унгарската фудбалска федерација неговата состојва е стабилна.

Резултати:
Швајцарија – Германија 1:1
Шкотска – Унгарија 0:1.

Германија со седум бодови заврши на првото место во групата А, Швајцарија со пет остана на втората позиција. Овие две селекции обезбедија учество во осминафиналето. Унгарија е трета со три бода и ќе се надева да биде помеѓу најдобрите четири третопласирани, додека Шкотска е последна со еден бод и за неа заврши ЕП.

OhridNews