Веќе две и пол години диригентот и м-р по музичка уметност, професор Александар Димоски, успешно го води хорот при Центарот за култура „Григор Приличев“ во Охрид. Без никаква поддршка од институциите и со ентузијастички дух, нашиот сограѓанин на еден начин успеа да го возобнови она што во минатото за Охрид значело уметност, продолжувајќи ја децениската традиција на хорско пеење во градот под Самоила.

Хорот при Центарот за култура брои 50-тина членови, кои секој вторник и четврток во просториите на оваа установа ја нагласуваат љубовта кон музиката и пеењето, односно уживаат во заедничкото дружење како главен мотив на сите оние кои се дел од оваа приказна.

Хорот постои од пооддамна, но со доста прекини во текот на неговата историја. На еден начин ја пополни празнината и на охриѓани им понуди можност за хоорско пеење. Истиот го водам веќе две и пол години, а членуваат околу 50-тина наши сограѓани, од кои 25 се редовни и актвини. Дел од нив имаат големо искуство, работејќи во минатото со Гаврилоски, Веруш и Билјана Малезан. Главен мотив е ентузијастичкиот дух, љубовта кон музиката и пеењето , односно заедничкото дружење помеѓу членовите.“ – вели проф. Александар Димоски.

Овој хор работи како мешан четиригласен, машки и женски, а програмата и репертоарот се разновидни, зависно од желбите на самите членови.

Нема возрасна граница кога станува збор за членовите на хорот. Настојуваме во иднина да привлечеме повеќе млади, бидејќи секоја проба претставува час по пеење. Сите имаат можност да напредуваат, а тука се и поискусните од кои може да се научи доста. Добредојдени се сите ентузијасти кои сакаат хорско пеење, односно луѓе кои се чувствуваат убаво кога пеат во група и ги усложнуваат композициите со повеќе гласови.“ – додава Димоски.

Тој се надева дека во идниот период, музичката култура во Охрид ќе застане на „здрави нозе“, а надлежните институции ќе овозможат услови за привлекување нови членови.

Сакаме да ги поттикнеме луѓето дека потребно е да се среди музичката култура во Охрид, но чекор по чекор. Најпрво да се формира убав хор, за кој не требаат скапи инструменти или специјални сали. Вториот чекор е едно ниво повисоко, односно создавање на градски оркестар и музичка школа. Во моментов, како никој да не води грижа за нас. Сите сме ентузијасти, сами се финансираме. Нотите се мои или од интернет, кои заеднички ги умножуваме. Се надеваме дека некој ќе не забележи, дека некогаш ќе направиме турнеа која ќе биде силен поттик за младите.“ – потенцира Димоски.

Во овие две и пол години додека Димоски го води хорот при Центарот за култура „Григор Прличев“, остварени се соработки со хоровите од Бар и Приодор. За скоро време, желбата на сите членови е организирање на самостоен концерт со кој ќе се промовираат пред охриѓани.

Хорот е од отворен тип и не се плаќа членарина. Кој е заинтересиран може да се обрати во просториите на НУ Центар за култура „Григор Прличев“. За идниот период, планираме да спремаме една програма, односно да направиме предновогодишен концерт.“ – завршува Димоски

O.T.