Македонската енциклопедија која предизвика бурни реакции во јавноста нема да биде целосно повлечена. Вака одлучи Македонската академија на науките и уметностите – МАНУ, на вонредното Собрание што се одржа синоќа.

Според најавите, ќе бидат ревидирани спорните делови од Енциклопедијата, а начинот на кој тоа ќе биде направено ќе биде дефиниран на продолжението на собраниската седница, која синоќа по три часа расправа беше прекината. На продолжението се очекува својот став на бројните забелешки да го изнесе главниот редактор на Енциклопедијата Блаже Ристовски.

Претходно претседателството на МАНУ одлучи да го распушти редакцискиот тим, со предлог ревизијата на спорните одредници од Енциклопедијата да ја изврши нова редакција во која ќе бидат вклучени и научници од немнозинските заедници кои најмногу реагираа на одредени содржини во оспореното капитално дело.

Ohridnews