Многу енергија, музички набој, страст, врвни интерпретции и огромно уживање за публиката, вака го најави музичкиот селектор на фестивалот „ Охридско лето“, Гордана Јосифоска Неделковска, утрешниот концерт на „ Танго компас“ предводен од светски познатиот виолинист, Стефан Миленковиќ, што ќе се одржи на 1-ви август на Античкиот театар.

Задоволство е уште еднаш на „Охридско лето“ да го имаме нашиот голем пријател и миленик на публиката. Таа ќе има можност да ужива во пресек на музиката од старите танго мајстори преку Пјацола па се до модерните автори кои имаат напишано дела токму за овој ансамбл. Најголем ексклузивитет е што Стефан Миленковиќ ќе го видиме и како врвен танчер, рече Јосифоска неделковска.

„Танго компас“ веќе неколку години успешно настапува низ Европа. Двајцата одлични музичари Стефан Миленковиќ и Марко Хатлак, меѓу другото и страсни љубители на танго-музиката, постојано приредуваат незаборавни доживувања на слушателите секаде каде што ќе се појават. Минатата година Миленковиќ и Хатлак ја започнаа и својата соработка со пијанистот Марко Чрнчец и контрабасистот Лука Херман Гајзер. Заедно со нив, на концертот на годинашново „Охридско лето“ ќе настапи и вокалистката Ана Безјак.

Немам зборови да опшишам колку е убаво повторно да се биде во Охрид и да се биде дел од фестивалот кој е еден од најубавите и најголемите светски фестивали. Овој проект е наша страст, комбинација на нашите професии и нашите животи , но и на нашето хоби. Сакам да играм танго и ова дојде природно, заедно музички да истражуваме, а да не е лимитирано и да не е 100% традиционално. Нашето видување за тангото е енергијата на танцот, страст и утре ќе уживаме заедно со публиката, изјави Миленковиќ.

Хармоникашот Марко Хатлак последниве 15 години изгради впечатлива национална и интернационална кариера. Танго музиката отсекогаш го привлекувала, па како резултат на тоа, тој досега има основано неколку ансамбли во светот, со кои изведува исклучиво ваков вид музика. Во текот на својата кариера настапувал во повеќе земји низ светот, и соработувал со голем број значајни музички имиња.

И за мене Охрид е нешто најубаво и најмистично што сум видел во животот поготово кога ја гледаш таа историја. Тоа што свириме во Античкиот театар за мене е привилегија. Сакавме да ги споиме џезот и класичната музика, тангото е помеѓу а има и импровизација, сакавме да истражуваме и сите сме полни со енергија за утрешниот концерт, рече Хатлак.

Почетокот на концертот е во 21 часот.

Т.К.