Вистинска „експлозија“ од емоции и долги аплаузи донесе новата претстава „Енергични луѓе“ која охридскиот Народен театар премиерно ја изведе изминатиот викенд на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ – Охрид.
Првенчето на режисерот Александар Ивановски во Охридскиот театар, на текст од рускиот автор Василиј Шукшин, е полн погодок во секоја смисла на зборот. Извонредно поставената претстава „Енергични луѓе” моќно на сцената ја донесоа актерите: Никола Тодороски, Билјана Билаловиќ Вељаноска, Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски, Павел Маслов и Адријана Билаловиќ Тодороска.
Како што и беше најавена, оваа претстава е убава театарска авантура исполнета со ликови кои имаат трескавична енергија, којашто ја разнесуваат скоро два часа по сцената, меѓу нив и кон публиката. Театарски ураган во којшто публиката уживаше во магијата која на сцената ја донесе одличната охридската актерска екипа.
Оваа претстава ќе биде доказ за тоа како постои, се користи, расне и развива овој потенцијал, изјави пред премиерата режисерот Ивановски. И не погреши. Оваа претстава го валоризира и потенцијалот и талентот на актерската екипа која, впечаток е, долго ќе биде “енергична” на сцената.
Текстот што „Енергични луѓе“ го носи како една иронија и цинизам, начин на гледање на реалноста, малку изместено од руските 70-ти години најде извонредно плодна почва за актерски, режисерски, театарски дијалог кој создаде исклучителна комуникација со охридската публика која уживаше во премиерата која беше наградена со неколкуминутни стоечки овации.
Претставата, иако сместена во социјалистичките 70-ти од минатиот век, е исклучително актуелна, со заплет кој носи урнебесен расплет, кој освен што до солзи ја насмејува публиката праќа и квалитетна порака за одредени општествени моменти кои се на некој начин многу важни.
Претставата „Енергични луѓе” редовно ќе се прикажува на репертоар на Народниот театар при Центарот за култура “Григор Прличев” Охрид.
Г. Момироски