Енергетската криза која и се заканува на државава ќе предизвика раст на цените во туристичко –  угостителскиот сектор. Следствено на промените на цената на електричната енергија се очекува раст на цените на трошоците во секторот, а со самото тоа раст на цените на услугите. Од ХОТАМ не очекуваат покачувањето на цените да биде повеќе од 20 отсто.

Очекуваме поскапување, ние ќе треба да ги сведеме нашите цени според новите цени на производите кои ќе ги плаќаме кон добавувачите. Потпишани се договорите со странските тур-оператори за идната 2022 година и се надеваме дека нема да има огромен ценовен шок за да можеме да ги исполниме тие договори, вели Крсте Блажески, претседател на ХОТАМ.

Од ХОТАМ додаваат дека веќе се побарани мерки за субвенционирање и очекуваат некаков вид на државна помош која ќе им помогне на хотелиерите барем да започнат со работа идната година.

Охридските угостители сметаат дека покачувањето на цените ќе биде во помал процент од зголемувањето на трошоците, а странските тур-оператори се подготвени да ги реализираат договорите доколку се работи за минимално покачување.

Во моментов се работи на анализи со цел да се направи баланс помеѓу можностите и прилагодување на цената на нашиот пазар. Инфлацијата е на чекор пред нас и растот на цените е очекуван, велат од Организацијата на работодавачи на Македонија и додаваат дека државава ќе ги следи случувањата на европско ниво.

 

Сметаме дека ќе треба да се направат сериозни промени и сериозни истражувања во делот на цените и во делот на услугите кои ги нуди овој сектор, секако да се направи промена и на примањата на вработените кои работат во секторот. Оваа криза не е само во Македонија, туку насекаде во регионов и во Европа, вели Владанка Трајкоска претседателката на ОРМ.

Според хотелиерите 2022 година ќе биде година на преживување, а закрепнување на секторот може да се очекува дури во 2023 година.

 

 

К.А.