Во интимна атмосфера под ладовината на дрвјата во дворот на прекрасната црквичка Мал Св. Климент, во стариот дел на градот, вчера, голем број пријатели и почитувачи на ликот и делото на Мишо Јузмески, се собраа да му оддадат почит на писателот, новинар, фотограф, културен и туристички работник, научен истражувач, публицист и полиглот, кој ненадејно почина на.29 април во 55та година од животот.
Мишо беше личност полна со знаења од речиси сите области. Прецизен, принципиелен и исклучително посветен научен истражувач на културното наследство и традициите на Охрид и неговата околина, кои внимателно и точно им ги пренесуваше на странските посетители, а дел од своето богато знаење преточи во книги и публикации.
Особено е голем неговиот научен придонес во истражувањето на животот и делото на холандскиот писател А. Ден Долард, чии дела го отсликуваат животот во Македонија и Охрид од првата половина на минатиот век, беше истакнато на собирот на кој беседеа Џејн Симпсон од Англија, блиска пријателка и соработник на Јузмески, неговиот внук Крсте Пурцов, писателите и поети Тоде Илиески и Јордан Конески, професорката во пензија Поликсена Тунтева и Наташа Спасеска, која пред присутните прочита писмо испратено од историчарот, писател и преведувач Александар Донски.
Мишо беше главен иницијатор охриѓани на достоен начин да се оддолжат кон Ден Долард. И не само тоа, преку промовирањето на убавините на Охрид, главно пред западноевропската јавност, самиот Мишо Јузмески даде значаен придонес во развојот на охридскиот туризам, со што неговото име треба да остане со златни букви зашишано во историјата на Охрид и пошироко. – пишува Донски во писмото.
Каква беше посветеноста кон работата на Јузмески, говори писателот и публицист од Холандија Екхарт Вендел, личен пријател на Мишо, кој му помагал околу одредени материјали за неговата најнова книга.
Само еден ден пред неговата смрт Мишо ми испрати исклучително корисни податоци за мојата книга. – ќе напише Вендел во неговото писмо, кое исто така беше прочитано на собирот во чест и сеќавање на Мишо Јузмески. За Охрид и гостите Мишо беше културна институција, за мене беше вреден пријател кој многу ќе ми недостига. – додава Екхарт Вендел.
Тој и Риц Молема, кој живее и работи на Малта, напишаа заедничка статија за Мишо Јузмески, која деновиве осамна во холандски весник. Во неа се нагласуваат заслугите на Јузмески за афирмацијата на, по малку подзаборавениот холандскиот писател Ден Долард, кој, како што се наведува, благодарение на Мишо е попознат во Охрид отколку во Холандија.
Денес не тагуваме, туку го славиме животот и делото на нашиот пријател и исклучителен човек Мишо Јузмески. – рече Џејн Симпсон, организатор на настанот заедно со Анита и Урлих Швиер од Германија, Шохре Азаркаде, Стив Деи, Наташа Спасеска и Крсте Пурцов.
Внукот Крсте Пурцов, кому неговиот вујко несебично му ги пренесувал изминатите години драгоцените искуства, најави дека Културно информативниот центар 365 и музејот на Ден Долард во стариот дел на Охрид, основан од Јузмески, ќе продолжат со работа, да го промовираат Охрид, неговите културни и туристички вредности и да го чуваат споменот на големиот вљубеник во градот.
За Јузмески со пиетет беседеа и неговите колеги по перо, Тоде Илиески и Јордан Конески, кои евоцираа спомени и искуства од нивното дружење и работа на заеднички проекти. Во чест на Мишо, англичанецот Стив Деј напиша и компонираше песна, која беше изведена пред присутните на настанот на кој присуствуваа сопругата и фамилијата на починатиот Јузмески.
Мишо Јузмески зад себе остави бројни публикации и дела од областа на културата и туризмот. Последната, осма книга, Јузмески ја промовираше во ноември минатата година. Се работи за капитално дело од областа на туризмот, објавено на англиски јазик „Explore Ohrid“ (Истражи го Охрид). Книгата е туристички водич, прв од ваков вид кај нас, во која Јузмески ја претставува општината Охрид во целина како единствен туристички производ.
За својот придонес во сферата на туризмот и културата, Мишо Јузмески во 2020 година го доби Признанието на „OhridNews“ за културна и туристичка промоција на Охрид, што првиот информативен портал во земјата го доделува на личности и организации кои оставиле посебна трага во својата професионална работа.
Г. Момироски